Пријателството не завршува со заминувањето на најблиските пријатели, особено ако е тоа ненадејно и предвреме. Напротив, понекогаш токму тогаш пријателството добива најсилна смисла. Тоа на дело го покажа македонската кошаркарска легенда Перо Антиќ, кој со емотивен гест ги освои срцата на јавноста.
На социјалните мрежи се појави видео кое предизвика лавина емотивни реакции, па дури и солзи кај многумина што го видоа. По повод полуматурската вечер на Андреја – синот на прерано починатиот Владимир Блажев – Панчо од ДНК, Перо Антиќ одлучи и покрај се’ да направи овој ден момчето да се почувствува како и сите негови школски другари.
Наместо вообичаена честитка, поранешниот НБА-кошаркарска ѕвезда лично пристигнал по синот на Панчо со еден од своите автомобили, исполнувајќи го ветувањето кое очигледно му го дал на својот долгогодишен, за жал сега покоен пријател. Сцената во која Антиќ му ја отвора вратата на автомобилот на полуматурантот, покажувајќи му почит, грижа и поддршка, никого не остави рамнодушен, а најмногу се израдува Маја , мајката на Блажев јуниор.
Покрај видеоклипот на неговите инстаграм приказни, Антиќ објави и заедничка селфи фотоографија од автомобилот со полуматурантот на која сподели: „Среќна матура лепотану“!

Многумина во коментарите напишаа дека токму ваквите моменти потсетуваат што значи вистинско пријателство и човечност. Зашто, не станува збор за скап автомобил или спектакуларно појавување, туку за порака дека децата на нашите најблиски никогаш не смеат да останат сами, дури и кога нивните родители повеќе не се меѓу нас.
Перо Антиќ со овој потег покажа дека дадениот збор нема рок на траење, а пријателството не познава граници. За Андреја ова сигурно ќе остане спомен за цел живот, а за јавноста уште еден доказ дека големината на човекот не се мери само со неговите успеси, туку и со делата што ги прави кога никој не ги очекува.
„Панчо сигурно од небото гордо го гледа својот син“, е една од најчестите пораки што можеа да се прочитаат под видеото кое за кратко времеги преплави социјалните мрежи.
Деновиве и најстариот син на Перо Антиќ стана полуматурант. Лука кој беше ученик во Интернационалото основно училиште кое е меѓународно англиско училиште овластено како IB World School за ученици од основно образование, ја доби својата полуматурска диплома на пригодната свеченост која традиционално ја организира самата школа.
View this post on Instagram
Среќата на гордиот татко Перо беше неизмерна, па покрај заедничката фотографија со својот најстар син – полуматурантот Лука тој споделил:
„Нека твојата верба во себе биде секогаш поголема од твојот страв. Не задоволувај се со просечноста – стреми се кон тоа што навистина можеш да бидеш! Среќно матурирање ГОРДОСТ ТАТИНА Лука Антиќ“!
И Ружица,поранешна сопругата на Перо исто така се огласи на социјалните мрежи, откако на својот Инстаграм сподели фотографија со својот син – полуматурантот Лука покрај која во описот напиша: „Заедно растеме“!


Нека им е со среќа понатамошното школувања на двајцата полуматуранти и да редат само успеси!
Фото: Инстаграмн/cickostoilko/ruzicamaksimovska/АI-Chat GPT






