Васил Хаџиманов со својот бенд ќе одржи концерт во Скопје на 12-ти април во Македонскиот народен театар со почеток од 20 часот. „Васил Хаџиманов бенд“ на концертот ќе го промовира новиот албум „Кејф“, објави „А продукција“
Ова е осми студиски албум на бендот кој е објавен и како цеде и на дигиталните платформи, во издание на „Кроација рекордс“ од Загреб. Содржи девет песни продуцирани од Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски.
Васил Хаџиманов е музичар од Белград со македонско потекло. Тој е пијанист, композитор, аранжер и педагог, активен на регионалната џез сцена долги години. На крајот од минатата година, тој свиреше на концертот во чест на неговиот татко, Зафир Хаџиманов во Филхармонијата. Во декември минатата година, Хаџиманов зборуваше на промоцијата на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, напишана во чест на неговиот дедо, македонскиот етномузиколог и фолклорист Васил Хаџиманов.