Мегафон концертна магија

Калиопи ја крена на нозе „Борис Трајковски“: Емоции, хитови, изненадувања и уште еден концерт за паметење!

Калиопи ја крена на нозе „Борис Трајковски“: Емоции, хитови, изненадувања и уште еден концерт за паметење!

Македонската музичка поп дива Калиопи уште еднаш докажа дека нејзината харизма, моќниот вокал и безвременските песни се формула за музичка магија што не познава генерации. Во преполната арена „Борис Трајковски“ приреди вистинска, вечер за паметење во која емоциите, врвните изведби и сценскиот перформанс се споија во едно, а илјадниците присутни пееја заедно со неа.

Појавувањето на Калиопи на сцената беше проследено со громогласен аплауз и овации. Со топол поздрав до својата верна публика, таа најави вечер во која музиката ќе ги врати сите во детството и ќе го разбуди детето што го носат во себе.

„Прославувам 50 години кариера – од мојот прв настап на ‘Златно славејче’, а во декември ќе наполнам и 60 години“, сподели пејачката, измамувајќи нови аплаузи од публиката во свој стил, искрена, духовита и непосредна.

Атмосферата во арената од минута во минута стануваше сè повозбудлива. Илјадници запалени мобилни телефони на баладите создадоа вистинско ѕвездено небо, додека добро познатите хитови на Калиопи ја исполнуваа салата и ја претвораа во огромен хор. Сепак, покрај омилените песни, вечерта донесе и нови музички изненадувања.

Едно од нив беше премиерното претставување на новата песна „Лаж“, создадена во соработка со нејзиниот долгогодишен музички партнер Ромео Грил. Со оваа премиера, Калиопи покажа дека и по пет децении на сцената сè уште има што ново да ѝ понуди на публиката.

Особено емотивен момент следуваше со настапот на детскиот хор „Пиколо“, во кој и самата Калиопи пеела како девојче. Заедно ја изведоа нејзината нова песна „Бебе“, носејќи на сцената искрена детска радост и носталгија по времињата кога започнувале првите музички соништа.

Но, вистинскиот бран емоции допрва следуваше. Осумгодишниот Николче, момчето кое претходно ја воодушеви Калиопи кога заедно ја испеаја „Македонско девојче“, повторно се најде покрај својата музичка хероина. По емотивното видео прикажано на големиот ЛЕД-екран, малиот пејач излезе на сцената, а заедничката изведба на легендарната македонска песна ја крена публиката на нозе. Додека заедно се движеа по продолжениот дел од бината, арената ги награди со громогласни овации.

Возбудата дополнително се зголеми со појавувањето на Слаткаристика. Нивната заедничка изведба донесе поинаква музичка динамика и уште еднаш потврди дека спојот на различни музички изрази може да создаде моменти што публиката долго ги памети.

Ниту еден детаљ не беше оставен на случајноста. Сценографијата, видеопроекциите, осветлувањето и внимателно осмислениот тек на програмата придонесоа концертот да изгледа и звучи како заокружена музичко-сценска приказна, во која секој дел имаше свое место.

Со овој настап, Калиопи уште еднаш покажа зошто со децении е меѓу најзначајните и најмоќните женски соло-артисти на македонската музичка сцена. Нејзиниот концерт во „Борис Трајковски“ не беше само уште едно музичко случување, туку вечер исполнета со песни, спомени, солзи радосници и моменти што ги поврзуваат генерациите.

А кога ќе се подвлече цртата, спектаклот на Калиопи се вбројува меѓу впечатливите домашни концертни настани во последниве години, во друштво на големите музички собири што ги приредија ДНК, „Меморија“, 2 Бона, Слаткаристика, Јован и Елвир. Уште една потврда дека македонската музичка сцена има имиња и приказни што можат да наполнат арени и да создадат вечери за паметење.

Фото: Инстаграм/kaliopi_official

To top