Убави вести пристигнаа од музичкото дуо „Ај кју“! Марија Ивановска и Бојан Трајковски ја добија најубавата животна улога – станаа родители! Музичарите го добија своето прво дете, синот Лука, а среќната вест ја споделија со своите следбеници на социјалните мрежи, објавувајќи сефте фотографија од нивното прво чедо.
Со оглед на тоа дека музичарите последните години живеат во Обединиетото Кралство, малиот Лука пристигнал на свет во болница во лондонскиот кварт Челзи, а гордите мама и тато не ја криеја возбудата од новата животна авантура. Со фотографијата од бебенцето, тие испратија и кратка, но емотивна порака:


„Лука му вели: ‘Здраво на светот’“, напишаа среќните родители, кои отсега ќе имаат уште една, најважна причина за насмевки, непроспиени ноќи и безусловна љубов.
Инаку, љубовната приказна на Марија и Бојан трае со години, а македонската публика добро ги памети и по нивниот настап на Евровизија во 2018 година, кога ја претставуваа Македонија како „Ај кју“.

Двојката ја круниса својата љубов со брак во мај годинава, додека свадбената прослава се одржа во јуни во Грција.

А кога пред речиси половина година објавија дека ќе станат родители, тоа го направија во свој стил – забавно и оригинално видео во кое Марија најпрво го покажа позитивниот тест за бременост, а потоа и трудничкото стомаче.

Сега, наместо тестови за бременост и слатко исчекување, на ред доаѓаат пелени, шпилхозни, цуцли, лигавчиња, шишенца за млеко и вода… и секако најубавите родителски моменти!

Честитки за мама Марија, тато Бојан и малиот Лука! Новото поглавје за семејството Трајковски-Ивановска започна со најубавиот можен поздрав: „Hallo world“!
фото: Инстаграм/mariaeyecue





