„Ќе те кренат па те газат, од секој збор скандал прават…“ пее Тамара Тодевска во својата нова песна „Кукла жива“, носечки сингл на истоимениот албум.
Музиката и текстот се потпишани од Коста Петров и Тамара Тодевска, песната е во продукција на Емин Џијан, додека визуелниот дел е режиран од Мартин Трајановски во „Takat Studios“.

Станува збор за песна инспирирана од животот и кариерата на Тамара Тодевска, исполнета со успеси и падови, осуди и пофалби, но и со постојаната борба да останеш свој во свет полн со очекувања и предрасуди. Впрочем, во „Кукла жива“ може да се пронајде секоја девојка и жена кои биле принудени да глумат, да не бидат свои, да ги задоволат критериумите на општеството, а не своите потреби и желби.
„Кукла жива“ е песна на мојот живот! Истовремено е и многу моќна, но и автентична, силна и суптилна. „Кукла жива“ не е само мојот живот, тоа е животот на многу девојки, жени, но верувам и мажи – сите принудени да задоволиме наметнати стандарди за успех и квалитет. Ја почувствував уште од првиот момент. Ме расплака, ме врати во живот и ми го покажа патот кон новата ера. Во тоа е моќта на оваа песна“, посочува Тамара.
Еден од авторите на песната „Кукла жива“, Коста Петров, открива дека за новиот музички проект на Тамара биле создадени повеќе од 30 песни, а во финалниот избор влегле само 10.

„Ако треба да одберам една песна што најдобро ја опишува Тамара како уметник, како жена и како човек – тоа е токму „Кукла жива“. Од повеќе од 30 создадени композиции, токму оваа песна остана онаа што најсилно го дефинира целиот албум и неговата порака“, вели Петров.
„Кукла жива“ е достапна на официјалниот YouTube канал на Тамара Тодевска, а наскоро ќе биде достапна и на сите дигитални музички платформи.
„Кукла жива“ е насловната композиција од истоимениот албум кој содржи 10 нови песни и претставува прв визуелен албум создаден во Македонија. Во наредниот период Тамара Тодевска ќе ги претстави и останатите песни од проектот, а кулминацијата ќе биде големиот концерт и концертна промоција на албумот на 3. октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
фото:ПРЕС ТИМ Тамара Тодевска






