Мегафон вечерва во „Света Софија“

Солистички концерт на кинескиот пијанист Сихенг Сонг на „Охридско лето“

Солистички концерт на кинескиот пијанист Сихенг Сонг на „Охридско лето“

Програмата на годинешното издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со содржина од музичкиот дел, со целовечерниот концерт на кинескиот пијанист Сихенг Сонг.

Сонг е роден во Шангај во 1981 година и се смета за еден од најдобрите пијанисти од својата генерација. Музичкото образование го стекнува во Франција, на Високата школа за музика во Париз, во класата на Маријан Рубицки. По дипломирањето како концертен пијанист, студиите ги продолжува на Парискиот конзерваториум кај Оливие Гардон, а приватно се усовршува и со Доминик Мерле.

Добитник е на награди на меѓународни пијанистички натпревари во Мароко, „Висеу“ во Португалија, „Гран при Анимато“, како и на натпреварите во Лидс и Даблин. Во 2004 година станува првиот кинески победник на престижниот натпревар „Лонг-Тибо“.

Овие признанија му овозможуваат бројни настапи низ светот, меѓу кои во Токио, Сеул, Пекинг, Шангај, Париз, Берлин и Њујорк. Настапувал на фестивалите „Рок Антерон“ во Франција, Фестивалот во Рур во Германија, „Бетовен“ во Бон и фестивалот во Душники во Полска.

Како солист настапувал со бројни оркестри во Франција, како и со Оркестарот од Монте Карло, Оркестарот „Хале“ од Велика Британија, Камерниот оркестар во Виена, Кинеската филхармонија, Филхармонијата на Хонг Конг и Новата јапонска филхармонија.

Сихенг Сонг бил член на жирија на повеќе меѓународни натпревари, а бил и најмлад резидентен уметник на Шангајскиот Гранд театар.

Од 2010 година започнува со развивање на нов концепт на концерти, комбинирајќи го стандардниот рецитален формат со мултимедија. Досега реализирал пет вакви проекти, во кои ги поврзува музиката и театарот, како и уметноста и литературата, со цел класичната музика да ја доближи до публиката на 21 век.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот, а на програмата се дела за пијано на Дебиси,Моцарт, Шопен, Чен и авторски композиции на Сонг.

фото:Screenshot/ОХРИДСКО ЛЕТО 2026

To top