Мегафон празник

Денеска се слави Светиот великомаченик Пантелејмон – исцелителот и заштитникот на болните

Денеска се слави Светиот великомаченик Пантелејмон – исцелителот и заштитникот на болните

На 9 август православните христијани го празнуваат Светиот великомаченик Пантелејмон, еден од најпочитуваните светители и заштитник на лекарите, болните и сите што бараат исцеление.

Свети Пантелејмон е роден во градот Никомидија во Мала Азија, во семејство на богатиот незнабожец Евсторгиј и мајка му Евула, која била христијанка. Уште како млад покажал голема дарба и го изучувал лекарството.

Според црковното предание, по запознавањето со свештеникот Ермолај, Пантолеон (неговото име пред крштевањето) ја примил христијанската вера и станал познат по својата милост и помагање на сиромашните. Името Пантелејмон значи „севмилостив“ или „многумилостив“.

Како лекар, тој не им помагал само на богатите, туку ги лекувал сите што страдале, без да бара награда. Христијанската традиција го памети по чудотворните исцелувања и по силната вера поради која бил прогонуван за време на владеењето на царот Максимијан.

Поради својата вера, Свети Пантелејмон бил мачен и на крајот пострадал како христијански великомаченик во почетокот на IV век. Црквата го слави како бесребреник и чудотворец, заедно со светите лекари кои своето знаење го користеле за помош на луѓето.

На овој ден верниците се молат за здравје, сила и спасение, а особено му се обраќаат оние кои имаат болни во семејството или работат во медицината. Свети Пантелејмон се смета за небесен заштитник на лекарите и исцелителите.

To top