Македонската музичка икона, Тоше Проески во својата исклучително богата кариера имаше и неколку успешни дуети со познати македонски, регионални и светски мегаѕвезди. Од нашите Каролина Гочева, Есма Реџепова, Наум Петрески, преку српско-хрватските и словенечки музички имиња како Гоца Тржан, Биља Крстиќ, Тони Цетински, Антонија Шола, Ања Рупел, па се до италијанската поп дива Џана Нанини… Да не заминаше прерано, нашиот ангел веројатно ќе направеше уште некој со најголемите во светот на поп-рок музиката.
Сепак, од сите офоицијални и неофицијални дуети, од сите испеани и снимени заеднички песни, од се што постои како музичка архива за него, еден дует е посебен. Ретко виден и слушнат, со нему најдрагиот човек – неговиот татко Никола, од кого и ги имаше наследено музичките гени.
Никола Проески почина на Велики Четврток, пред Велигден годинава (2024-та), по долго и тешко боледување, како последица на влошената здравствена состојба по шокантната загуба на неговиот син, нашиот Тоше!
Но, додека обајцата беа на овој свет, семејството беше како едно, па неретко знаеле и да запејат и во сопствената куќа. Со или без никаков повод, сеедно… Песната беше таа што ги красеше и што по нив и остана.
Кога сме кај песните, „Не кани ме“ е еден од оние новосоздадени македонски фолк евергрини, една од оние антологиски песни кои ќе останат за сите времиња. особено впечатлива е изведбата на фантастичниот вокал на Миле Кузмановски, но оваа изведба е посебна по сосема нешто друго.
Во неа Тоше и Никола, таткото и синот, во опуштена атмосфера, во домашен амбиент, онака сосема спонтано во дует ја пејат „Не кани ме“… Вистински раритет.
Видео: Фејсбук/Штипска идила
Фото: Инстаграм/kristijanristeski и Фејсбук/Dora Proeska