Деновите на жалот во Македонија за трагедијата што не задеси во Кочани изминаа, но тагата и жалот нема да минат никогаш… Не барем така бргу. Зашто премногу се свежи раните кои не зацелуваат довека и везден ја копаат душата како бездна која постојано се зголемува и станува се’ подлабока и подлабока. Како што е длабока болката за која нема ниту лек, ниту зборови на утеха… Та, пустите колку и да сакаме да ги искажеме, никако не можеме да ги утешиме неутешните, мајките, татковците, браќата, сестрите… Најблиските кои ги загубија најмладите, најмилите.
Велат времето лечи се’, икао некои работи никогаш – НЕ! И не може… Остануваат само сеќавањата и спомените, видеата и фотографиите, песните и стиховите… И длабока празнина во темната тишина, која со текот на времето одново ќе станува се погласна и погласна. Животот тоа го бара и наметнува, го турка, некогаш на сила, некогаш со невидена леснотија, туркајќи не некогаш во радост и среќа, понекогаш за жал во невидена трагедија. А, многу нешта…
„ЌЕ ИМА ПАК“.
И музика и диска и излегување.
Ќе има пак.
И веселби и родендени и свадби.
Ќе има пак.
И огномети и конфети и светла.
Ќе има пак.
Иљубов и дружба.
Ќе има пак и концерти.
Само тогаш, нечии чаши нема да се кренат за на здравје.
Ќе фали едниот вокал на песните.
Некој нема пак да слика, да свири на сајзер, на тапани, да средува тон, да прави пијалак на тие веселби.
Некој придружен вокал нема пак да пее.
Публиката ќе биде потивка за неколку реда.
И многу раце во вис нема да се кренат.
Инаку, ќе има.
И музика и песна и концерти.
И ќе биде погласна.
За да ја слушнат и горе.
Ова се стиховите од песна која на својот Инстаграм вчеравечер (вторник 24 март 2025) ја објави Антониа Гиговска. Нејзини или туѓи сеедно, стихови во кои совршено се пресликани и тагата и болката по трагедијата и животот во иднина и во него една длабока празнина која ни остана.
Можеби нејзината нова песна „Аман“ не доби амин да се појави тогаш кога ја најави, зашто трагедијата во Кочани не дозволи, но за неа нема да останеме секако покуси. Зашто и неа и песни како неа… „Ќе има пак“! Трагедии како онаа во Кочани, да нема повеќе никогаш!
Фото: Инстаграм/antoniagigovskaa