Вчеравечер вторник (30.Јуни) пред платото на арената „Борис Трајковски“ во Скопје се одржа комеморативен собир посветен на Владо Јаневски, каде неговите почитувачи му оддадоа последна почит.
На настанот беа собрани сите љубители на неговата музика и беа дел од вечер исполнета со спомени, емоции и благодарност.

Меѓу присутните и Градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски кој запали свеќа и за медиумите во спомен на познатиот македонски музичар ја изрази својата благодарност и почит.

-Вечерва, пред платото на СЦ „Борис Трајковски“, одадовме почит кон човекот кој со своите песни остави белег во срцата на генерации. Владо беше емоција, спомен, љубов кон градот, кон луѓето, кон Македонија.
Неговите песни се дел од нашите животи, од нашите радости, од нашите тивки моменти, од нашите победи.
Ти благодариме за сѐ, Владо.
Ти благодарам што ми подари победничка химна за Скопје.
Легендите не заминуваат.
Тие остануваат во песните, во спомените и во срцата на луѓето. Вечна благодарност и почит,кажа градоначалникот Ѓорѓиевски.

Владо Јаневски почина по кусо боледување, зад себе остави богато музичко наследство и безвременски песни кои со децении беа дел од македонската музичка сцена.

Вчерашниот собир беше можност почитувачите, пријателите и колегите заедно да се потсетат на неговото дело и со песна, тишина и аплауз да му кажат последно „благодарам“ за музиката што ја остави зад себе.

Владо Јаневски ќе биде погребан денес (1.Јули) на градските гробишта Бутел во Скопје.
фото:Facebook/ Орце Ѓорѓиевски – Orce Gjorgjievski





