Во пожарот во Кочани загина музичарот Филип Стевановски од Куманово, член на бендот „ДНК“.
Со емотивни зборови на својот Фејсбук профил се прости од него сопругата Ирена.
-Среќо моја, Филип мој.
Њоњче мое, ме остави со најголема празнина која не се опишува. Ми остави најголем спомен кој ќе го чувам и ќе се борам како најголема лавица.
Знам дека ќе не’ чуваш и ќе ни дадеш сила да продолжиме по овој пат кој ќе биде претежок за нас.
Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет. Свети и сега како најсилна ѕвезда која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека не’ чуваш од небото!
Лора беше твоето се’ , музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш се’ што имаше замислено.
Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше се’ за да сите бидеме среќни и насмеани.
Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој.
Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но се’ што сме сакале Лора да успее ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш од зад облаците!
Летај, свири и дојди ни понегогаш во сон да се прегрнеме најсилно како што ти знаеше да прегрнеш, пишува Ирена.
Филип Стевановски беше директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.
фото: printscreen/facebook/Ирена Крстевска Стевановска