Атрактивната Луна продолжува да ја разгорува љубопитноста на публиката со нови музички изненадувања од албумот „Атлас“! По „Хорор“, на ред дојде уште една песна – „Ирис“, која премиерно беше објавена истиот ден, но со сосема поинаква визуелна приказна.

Ако во „Хорор“ Луна го нагласи својот заводлив сексапил и ја покажа провокативната страна, во „Ирис“ пејачката влегува во сосема поинаков филм! Необична, впечатлива и визуелно поинаква, таа пред камерите се претставува во издание што дефинитивно не поминува незабележано, режирано од инвентивниот steadyflow.

Две песни, две различни енергии и две визуелни приказни што се надополнуваат! Очигледно, Луна не сака да игра на сигурно, туку храбро експериментира со имиџот, естетиката и сценскиот израз, оставајќи ѝ на публиката доволно причини одново да ги гледа нејзините провокативни спотови .

Зад музиката и аранжманот на двете песни стои Лазар Цветковски, додека текстовите се дело на самата Луна.
Албумот „Атлас“ веќе наидува на позитивни реакции кај публиката, а песните сè почесто се слушаат и на радио-станиците. Но, тука приказната не завршува! Луна продолжува со работа, па наскоро се очекува да ги претстави и преостанатите песни од албумот.

А најинтересното допрва следува! Пејачката најавува и дуетска соработка, но засега мудро молчи за името на колегата или колешката со кого ќе ги здружи силите. Кој ли ќе биде нејзиниот следен музички сојузник? Останува да видиме!

Дотогаш, погледнете ја новата песна „Ирис“ и видеоспотот во продолжение!






