„Некои возења никогаш не завршуваат, само продолжуваат низ новите генерации“ – оваа порака крие приказна што Иван Кукиќ ја раскажува преку стариот семеен „Мерцедес“, спомените за својот дедо и врската меѓу Струмица и Белград.
Токму со оваа емотивна видеообјава, Иван го најави својот голем авторски концерт „Зачарани круг“, закажан за 3. ноември во МТС дворана во Белград, со почеток во 20 часот.
А приказната почнува далечната 1969 година, кога неговиот дедо од Белград дошол во Струмица да служи војска во тогашната ЈНА. Таму ја пронашол жената на својот живот и поради љубовта решил тука да остане.

Годините минувале, но спомените останале, особено оние од детството на Иван, кога дедо му го возел токму со автомобилот што денес има многу поголема вредност од онаа што може да се измери со пари.
Дедо му веќе не е меѓу живите, но стариот „Мерцедес“ и натаму ја раскажува семејната приказна. Сега, со него, Иван симболично тргнува од Струмица кон Белград – градот од кој некогаш започнало животното патување на неговиот дедо.

Од семејните спомени до големата белградска сцена – Кукиќ го затвора кругот на еден посебен начин!
Но, зад емотивната приказна се крие и музички настан со кој Иван Кукиќ подготвува вистинско уживање за белградската публика. На неговиот прв голем авторски концерт во МТС дворана ќе настапи со својот бенд Sound Therapy, а друштвото на сцената ќе му го прават и неколку специјални гости.
Меѓу најзвучните имиња е легендарниот рок-музичар Дадо Топиќ, со кого Иван ќе ги изведе песните „Македонија“, „Елено ќерко“ и „Superstar“. Средбата на двајца музичари од различни генерации ветува посебна атмосфера и моменти за паметење.
На сцената ќе се приклучи и групата „Калем“, а публиката ќе има можност да проследи и музички омаж на култната југословенска група „Индекси“.
Сепак, за Иван особено емотивен момент ќе биде настапот со неговите родители, познатите пејачи Ленче и Горан Кукиќ. Тие ќе застанат на сцената покрај својот син, а пошироката публика ги познава и по нивното учество во популарното музичко натпреварување „Никогаш не е доцна“.
Македонскиот дух во Белград ќе го претстави и КУД „Гоце Делчев“ од Босилово, кој ќе внесе традиционална музика и игра во концертната програма.

„Зачарани круг“ – албум во кој се среќаваат рокот, џезот и балканскиот мелос
Концертот ќе биде посветен на авторскиот свет на Кукиќ, создаван низ албумите „Sunday Vibes“ и „Зачарани круг“. Неговиот музички израз ги спојува рокот, џез-рокот, фанкот, прогресивната музика и традиционалните балкански мелодии, создавајќи звук што не се вклопува во една единствена музичка рамка.
Актуелниот албум „Зачарани круг“, објавен во јуни годинава за издавачката куќа Croatia Records, содржи 11 авторски композиции. На него, покрај Иван, кој свири бас и акустична гитара и ги изведува вокалните делници, работеле и Зоран Трендов на гитара, Влатко Шапламаев на клавијатури, Марјан Стоилов на тапани, Стојан Иванов на перкусии, Слободан Кржев на ритам-гитара и саксофонистот Кирил Кузманов.
Посебен печат на албумот му даваат и гостувањата на Васко Тодоров и на актерот и поет Раде Шербеџија, кој учествува во композицијата „Молитва за љубов“.
Иван, кој изминатите седум години настапуваше како басист во триото на Влатко Стефановски, зад себе има соработки со бројни познати музичари од регионот. Но, без разлика на сцените на кои настапува, Струмица останува неговата музичка база. Токму во студиото во родниот град е создаден голем дел од неговиот авторски материјал, вклучувајќи ја и насловната композиција од актуелниот албум.

Едно возење, три генерации и концерт што ја спојува Струмица со Белград, Македонија со Србија
На 3 ноември, белградската публика ќе има можност да ужива во авторски песни, инструментални композиции, препознатливи мелодии и виртуозни соло-изведби на бас-гитара.
Но, она што му дава посебна тежина на концертот е приказната што стои зад него. Од дедото кој во 1969 година тргнал од Белград поради љубовта, преку семејниот живот во Струмица, па сè до Иван и неговата авторска музика – стариот „Мерцедес“ станува симбол на спомените што не бледнеат и приказните што продолжуваат да живеат.
Затоа, за Иван Кукиќ, „Зачарани круг“ не е само наслов на албум и концерт. Тоа е и лично музичко патување на кое минатото и сегашноста се среќаваат на иста сцена.
А дедовото возење? Очигледно, сè уште не е завршено!
Фото и видео: Facebook/Ivan Kukic





