Времето тече, годините минуваат, но сеќавањата и спомените остануваат. Особено ако имаме и добра причина истите да ги обновуваме, да ги рефрешираме, да се потсетуваме, кога имаме убав повод за тоа, па и кога го немаме.
Најпознатата македонска телевизиска водителка Лила Филиповска, која за јавноста со децении е симбол на гламур, стил и непоколеблива животна сила, овој пат ги допре срцата на своите следбеници на сосема поинаков начин – со тивко, носталгично враќање во минатото.

На својот Инстаграм профил таа сподели досега невидена ретро-фотографија од своето најрано детство, будејќи силни емоции и сеќавања за едно безгрижно време кое денес живее само во старите семејни албуми и во срцето.
На пожолтената фотографија, малата Лила стои покрај расцветани градинарски цвеќиња во црвено фустанче на риги и високи бели чорапчиња, со кратка коса и истата онаа блага, препознатлива насмевка што подоцна стана нејзин заштитен знак пред камерите. Овој кадар е вистинска временска капсула од нејзиното детство поминато во родниот Гетеборг, Шведска, каде што водителката е родена и каде ги поминала првите дванаесет години од животот заедно со своите родители, братот и сестрата, пред семејството да се врати во Македонија.

Иако денес важи за вистински македонски бренд, жена и мајка која поминала низ тешки животни битки и излегла како победник, оваа објава потсетува на чистата, невина суштина на секој човек.
Во описот на фотографијата, придружена со стиховите од култната песна на „Пинк Флојд“ – „Sun is the same in a relative way…“ (Сонцето е исто на релативен начин…), Лила како да сакаше да порача дека без оглед колку години минуваат и колку светот околу нас се менува, топлината на детските спомени останува единственото сигурно засолниште во кое душата секогаш одново се враќа.
фото:Instagram printscreen/lilafilipovska





