Живот и стил

Знаете ли во која просторија алиштата најбрзо се сушат? Бањата избегнувајте ја

Знаете ли во која просторија алиштата најбрзо се сушат? Бањата избегнувајте ја

Експертите советуваат да ја избегнувате бањата и да го забрзате сушењето со проветрување и извор на топлина, но со одредена оддалеченост.

Сушењето алишта во затворен простор во текот на постудените месеци тешко може да се избегне, но местото на кое ќе го поставите сушилото може да направи голема разлика. Една просторија, иако на многумина им изгледа како логичен избор, најдобро е да ја избегнувате.

Со доаѓањето на студените и дождливи денови, сè помалку има можности за сушење алишта на отворено. Машината за сушење е наједноставното решение, но не секое домаќинство ја има, а многумина поради потрошувачката на електрична енергија се обидуваат да ја користат што поретко.

Затоа, сушилото со мокрите алишта повторно се внесува во домот. Сепак, не е сеедно каде ќе го поставиме. Мократа облека при сушењето испушта влага во воздухот, а во недоволно проветрена просторија тоа може да создаде услови погодни за појава на мувла.

Сушењето алишта во затворен простор само по себе не мора да биде проблем доколку просторијата е добро проветрена, но важно е облеката да се исуши што е можно побрзо.

Според советите на порталот „In The Wash“, алиштата во затворен простор не би требало да се сушат подолго од 24 часа. Доколку останат влажни подолго време, се зголемува можноста за појава на непријатен, застоен мирис, но и за развој на мувла.

Многумина сушилото со мокри алишта прво ќе го стават во бањата. Таму има плочки, водата не претставува проблем, а притоа алиштата не се наоѓаат среде дневната соба. Сепак, токму бањата е просторијата што треба да ја избегнувате.

Причината е едноставна – во неа нивото на влажност и онака е зголемено поради туширањето и капењето. Ако на тоа ги додадеме и мокрите алишта, ја зголемуваме количината на влага во воздухот, а облеката во такви услови може и побавно да се суши.

Подобро решение е просторија која не ја користите често. Ако имате слободна соба, посебна пералница или гаража погодна за таа намена, подобро е сушилото да го поставите таму. Вратата на просторијата може да се затвори, а со отворање на прозорецот да се овозможи циркулација на воздухот, што ќе помогне алиштата побрзо да се исушат.

Во помалите станови таков луксуз често не постои. Ако алиштата мора да ги сушите во просторија во која секојдневно престојувате, се препорачува сушилото да го поставите во близина на извор на топлина за облеката побрзо да се исуши.

Сепак, тоа не значи дека мократа облека треба директно да ја ставате на радијаторот.

На тој начин водата од ткаенината побрзо испарува директно во просторијата и дополнително ја зголемува влажноста на воздухот. Подобро е да оставите одредено растојание помеѓу изворот на топлина и алиштата.

Практично решение за многу мали станови може да бидат и плафонските сушила за алишта. Тие не заземаат драгоцен простор на подот, а кога не се потребни, можат да се подигнат и да се тргнат.

извор:курир.мк
фото:Magnific

To top