Во време кога многумина забораваат на вистинските вредности, српскиот пејач Никола Роквиќ уште еднаш докажа дека големината на еден уметник се мери според неговото срце и почитта кон оние што оставиле неизбришлива трага.
При својот престој во Македонија, Роквиќ заедно со своите музичари направи гест со кој го привлече вниманието на регионална јавност – се упати кон Крушево за да му оддаде почит на непрежалениот македонски славеј, Тоше Проески.
Првата станица од ова емотивно патување беше вечното почивалиште на Тоше на Гумење, каде Никола во тишина и со длабок поклон запали свеќа за најдобриот вокал што некогаш запеал на овие простори.

Потоа, тој ја посети и Спомен-куќата „Тодор Проески“, каде со големо внимание и восхит ги разгледуваше личните предмети, наградите и спомените кои сведочат за краткиот, но величествен живот на нашата најголема музичка ѕвезда.

Особено трогателен беше моментот кога Роквиќ се сретна со најблиските луѓе на Тоше – неговата мајка Доминика и сестрата Дора, како и неговите верни пријатели, кои срдечно го пречекаа и угостија. Длабоко потресен и полн со импресии од средбата и амбиентот во Крушево, Никола објави видео на социјалните мрежи, испраќајќи порака која буквално ги насолзи очите на неговите следбеници:
– Денес со моите музичари го посетив Крушево, местото од каде што потекна најдобриот глас кој чекорел на овие простори… Благодарен сум им на пријателите на Тоше, на неговата сестра и мајка кои нè угостија! И ништо не е залудно, можеби нам така некогаш само ни се чини, како во загатка, како во огледало… ЉУБОВТА НИКОГАШ НЕ ПРЕСТАНУВА!!! – порача емотивниот Роквиќ.
Овој негов искрен чин наиде на илјадници позитивни реакции и коментари од македонската публика, која уште еднаш се увери дека споменот и делото на Тоше Проески продолжуваат да ги поврзуваат луѓето со чиста љубов, дури и по толку многу години откако го нема.
фото: Instagram printscreen/nikolarokvic





