Мегафон стартува еден од најважните културни симболи на државата

Со „Љубов“ се отвора 66. издание на фестивалот „Охридско лето“

Со „Љубов“ се отвора 66. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Љубов“ е насловен Гала-концертот на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново со кој вечерва во 21 часот во античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот Охридско лето. Диригент е Марко Боеми, а ќе настапат во придружба на Националната опера и балет

Фестивалот традиционално се отвора на 12 јули и ќе трае 40 дена. Ќе понуди педесетина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот. Во рамки на програмата е предвидено и одбележување на два јубилеја, 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Охридско лето секогаш внимава вистинските културни вредности да ѝ ги наметне на младата популација, па така вчера и завчера во црквата „Св. Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, организиран е „Подиум на млади“ со новата генерација уметници на кои допрва им претстои блескава кариера.

Годинава на Охридско лето новина се концертите на џез-музика што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“ со врвни уметници од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и од Македонија.

Охридско лето се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а со финансиска поддршка на Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е А1 Македонија, а во реализацијата на фестивалските вечери помагаат и Општина Охрид, дипломатскиот кор во земјава, како и бројни спонзори и поддржувачи.

Фото: Охридско лето

To top