По борбата со тешка болест, Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст. На нејзиниот официјален профил беше објавено дека заминала во „Подрачје без сигнал“, а веста за нејзината смрт за „Јутарњи лист“ ја потврди и нејзиното семејство.
Рудан е родена во Опатија, а завршила Педагошка академија во Риека. Покрај по своето книжевно творештво, беше позната и по долгогодишната новинарска работа.
Нејзиниот остар стил, препознатливата критичност и бескомпромисната директност ја направија контроверзна, но истовремено и една од најпознатите писателки и јавни личности во регионот.
Нејзините текстови и јавни настапи најчесто беа општествено ангажирани, со посебен акцент на проблемите во хрватското општество и човековите права, особено правата на жените. Често ги критикуваше власта, Црквата, тајкуните и насилниците.
Авторката на шеснаесет романи својата плодна книжевна кариера ја изгради со дела како „Доживотен затвор“, „Пудинг од ванила“, „Танц околу сонцето“, „Маж во грлото“, „Живот без крлежи“, „Црнци во Фиренца“, „Кога жената е курва/кога мажот е педер“, „Во земјата на крвта и идиотите“, „Зошто пцујам“, „Костурите на округот Медисон“, „Да даде Бог мајка ти да те роди“ и „Уво, грло, нож“.
Нејзините книги се преведени на англиски, унгарски, словенечки, полски, француски, италијански, руски и македонски јазик, а театарски претстави според нејзините дела се играле во Риека, Загреб, Белград, Варшава, Лондон, Санта Моника и Будимпешта.
Рудан беше исклучително популарна како писателка и општествена коментаторка и во соседна Србија, каде што гостуваше на саеми на книгата и во бројни телевизиски емисии.
Несреќно детство
За своето детство и раната младост Рудан отворено зборуваше во интервју со Мирјана Дуганџија во 2016 година. Раскажуваше дека растела во сиромаштија, поради што уште на 12-годишна возраст морала да почне да заработува.
„Кога студирав, имав едно црно здолниште и еден џемпер. Здолништето светеше како кучешки јајца, па го навлажнував со вода секогаш кога ќе излезев на улица. На 22 години си го купив првиот капут. Живеевме во Мошќеничка Драга. Кога врнеше дожд, го чекав последниот момент за да влезам во автобусот бидејќи немав чадор“, раскажуваше таа.
Иако нејзината баба, татко и мајка биле неверници, Рудан тврдеше дека ја воспитувале во католички дух. Во истото интервју призна дека ги поддржува Десетте Божји заповеди и дека го сака Исус, „кој можеби постоел, а можеби и не“.
„Го поддржувам она што го зборувал, ако го зборувал. Кога денес би се појавил во Хрватска, хрватската Католичка црква би го распнала. Би го распнала и папата, можеби затоа и не доаѓа кај нас“, коментираше Рудан.
Во текст од 2019 година се наведува дека растела во дисфункционално семејство оптоварено со алкохолизам и семејно насилство.
„Мајка ми со возило на Брза помош ја однесоа во лудница. Го повраќаше црниот дроб, имаше триесет килограми, беше црна во лицето и на умирање. Никој од нас не веруваше дека ќе преживее и дека ќе престане да пие. Имаше ќерки кои не ја интересираа, посесивна и злобна мајка, сопруг алкохоличар кого не го сакаше, а можеше да има кариера. Зошто би престанала да пие? Имав дваесет години и толку се бев навикнала на мајка алкохоличарка што тоа веќе не ми пречеше“, пишуваше Рудан.
„Беше опседната со злото што ѝ се нанесува нејзе, но злото што таа ни го нанесуваше нам не го анализираше. Сигурна сум дека не нè сакаше. Мајка ми и на сестра ми и на мене ни го всади чувството дека не вредиме. Сестра ми беше образована, течно зборуваше три јазици, прочитала којзнае колку книги, патувала и повеќе од сè сакаше татко ми и мајка ми да ѝ признаат дека вреди. Никогаш не го дочека тоа“, раскажуваше таа.
На својот татко, пак, никогаш не му простила за она што им го правел на нејзината мајка, сестра и на неа. Ги навредувал, тепал и понижувал.
„Мртов е и навистина се обидував во себе да најдам сила и да му простам. Барав олеснителни околности за него. Необразован маж од патријархална средина не може да биде поинаков. Не е вистина. Не се сите мажи насилници. Наместо да му простам нему, си простив себеси што не му простувам. И се чувствувам добро. Некои злосторства не застаруваат“, изјави Рудан во интервјуто од 2019 година.
Како дете, според сопственото признание, најмногу ѝ недостигала љубов. Таа и нејзината сестра, како што раскажуваше, пораснале покрај живи родители, но практично без татко и мајка.
„Мене, за среќа, многу ме сакаше мојата нона“, раскажуваше Рудан, која велеше дека во животот не жали за ништо бидејќи ја искористила секоја можност што ѝ се укажала.
„Мислам дека во животот на секој човек љубовта е најважна. Кога те сакаат родителите, кога те сакаат нона и ноно, влегуваш во животот со огромен капитал и никој ништо не ти може. Луѓето без љубов се големи несреќници. Јас денес уживам во љубовта на сопругот, децата и внуката. Денес ни мене никој ништо не ми може“, зборуваше Ведрана Рудан.







