Колумбиската пејачка Шакира ја доби конечната правна битка со даночните власти во Шпанија кои ќе мора да ѝ вратат повеќе од 60 милиони евра, колку што изнесуваа наметнатиот данок и паричните пенали, кои според мислењето на судот, биле незаконски утврдени.
Административниот совет на Националниот суд на Шпанија пресуди во корист на колумбиската пејачка и ја поништи постапката врз чија основа таа мораше да плати речиси 55 милиони евра на име данок и пенали, а сега таа сума ќе мора да ѝ биде вратена со камата, пренесува „Паис“.
Шакира, во соопштението што го објави нејзиниот тим, ја поздрави оваа своја победа и уште еднаш ги критикуваше даночните власти.
„Никогаш немало никакво затајување, а ниту самата даночна управа никогаш не можеше да го докаже спротивното, едноставно затоа што тоа не беше вистина“, наведе таа.
Пејачката додаде дека, и покрај тоа, речиси цела деценија била третирана како виновник, а секој чекор во тој процес бил искривуван и преувеличуван, при што нејзиното име и имиџ биле користени да се испрати заканувачка порака до другите даночни обврзници.
„По повеќе од осум години брутално јавно омаловажување кое го трпев, оркестрирани кампањи со цел уништување на мојата репутација и безброј непроспиени ноќи кои ми го загрозија здравјето како и моето семејство, Националниот суд конечно ги исправи работите“, порача Шакира.

Судот заклучи дека, спротивно од проценката на шпанската Даночна управа, Шакира не била даночен обврзник во Шпанија во текот на 2011 година, и дека поради тоа не требало во таа земја да плати ниту данок на доход ниту на богатство.
Даночната управа претходно ја принуди пејачката да плати значителни суми и ѝ одреди големи пенали поради тоа што во Шпанија не го пријавила својот доход. Аргументот на Управата беше дека Шакира во Шпанија била во „романтична врска“ со фудбалерот на Барселона, Жерард Пике, и дека центарот на нејзиното работење бил во таа земја. Даночната управа, сепак, не можеше да докаже дека пејачката престојувала во земјата подолго од 183 дена годишно, колку што според законот е потребно за некој да биде сметан за даночен обврзник.
Таа поднесе жалба на пеналите што ѝ беа изречени, а сега шпанскиот суд пресуди во нејзина корист, заклучувајќи дека даночните мерки што ѝ беа изречени се „незаконски“.

Оваа нејзина правна победа, меѓутоа, не го менува исходот на кривичната постапка против неа, во чии рамки даночната измама е докажана, потсетува весникот. Овој случај се однесува на периодот меѓу 2012 и 2014 година, а Шакира прифати тригодишна затворска казна, која не ја отслужи, како и парични пенали од 7,3 милиони евра.
Откако постигна договор со обвинителството, пејачката призна дека во наведениот период била даночен обврзник во Шпанија, но сепак избегнала да плати данок.







