Мирко Попов (51), познат како автор и продуцент на електронска музика, во вторникот беше хоспитализиран на една од скопските клиники. Неофицијално, причината за хоспитализацијата била обилно мозочно крварење заради прсната аневризма.
Откако беше објавена веста за влошената здравствена состојба на Попов, на социјалните мрежи се појавија повеќе лажни објави дека музичарот починал.
На ова најпрвин реагираа членовите на неговото семејство, остро демантирајќи ја веста, а „црните неточни копи-пејст објави“ на социјалните мрежи, од кои некои од незнаење , но некои споделени со тенденција од лични причини, погодија и дел од колегите на музичарот. Дел од естрадните лица реагираа на ваквите „фејк црнила“, меѓу кои еден од првите беше и Владимир Блажев, познат како Панчо од ар ен би дуото ДНК. Згрозен од „неукоста“, неинформираноста, но најмногу од туѓата злоба и нездрвите односи во општеството, иако можеби со различни политички и музички гледишта и поимања со Мирко Попов, тој објави статус на својот Фејсбук профил каде јавно влезе во заштита на колегата.
„Можеш да го мразиш или сакаш, тотално небитно. Едно е сигурно дека не можеш да го оспориш, а тоа е неговиот белег и допринос за Македонската електронска сцена и андерграунд култура. Исто така без оглед на тоа како размислува он и какви биле неговите ставови не ви дава за право да се ситите на човек кој е во ваква состојба. Едноставно е нечовечки…..
Се’ што се изнапрочитав вчера и денес, само ми ја потврди тезата дека сме опкружени и живееме во тотално нездраво општество, без грам емпатија, полно со злобни и исфрустрирани луѓе. Држ се Мирче“ – споделил Панчо, давајќи му поддршка за заздравување на Попов, кој е се’ уште во тешка и животнозагрозувачка состојба.
Вчеравечер, четврток, 21 март 2024 јавно се огласи и Ивана Тасев, која е негова претставничка за односи со јавноста (ПР менаџер), и остро ги демантираше лажните објави и ги замоли новинарите да не ги пренесуваат на своите медиуми без да ги проверат.
„Во името на семејството на Мирко Попов, како и во мое име како негов советник за односи со јавноста, најљубезно ве замолувам да не преземате статуси, односно непроверени информации, од социјалните мрежи, каде овие два дена кружат лажни вести дека Мирко Попов починал.
Земете предвид дека Попов, пред сѐ, е родител на две деца и дека ги вознемируваме нив и неговото поблиско семејство. Во овие тешки моменти за нив, ве замолувам да бидеме луѓе и да се проверуваат овие информации кои поединци ги пишуваат на социјалните мрежи“ – се обрати Тасев со соопштение до медиумите, ставајќи се себе си на располагање за било какви информации во секое време“ – пишува во својата порака до медиумите и јавноста Тасев.
Фото: Фејсбук/Ivana Tasev/Vladimir Blazev