Мегафон

Мултимедијалната изложба „Трага во времето“ посветена на Националниот џез оркестар во рамки на „Скопско лето“

Мултимедијалната изложба „Трага во времето“ посветена на Националниот џез оркестар во рамки на „Скопско лето“

Мултимедијалната изложба „Трага во времето“, ќе биде отворена утревечер (14.Јули) во 20:30 часот, во автентичниот амбиент на Музејот на град Скопје, во рамките на годинешното издание на манифестацијата „Скопско лето“.

Поставката е посветена на десетгодишниот пат од иницијатива до формирање на Оркестараот за џез музика на Македонија како национална установа.

-Оваа изложба е емотивно и документарно сведоштво за една извонредна музичка визија. Преку автентични фотографии, материјали и приказни, поставката претставува дел од десетгодишниот пат на денешниот Национален џез оркестар – пат исполнет со творечка посветеност, заеднички стремежи и незаборавни моменти. Вашето присуство ќе ни претставува исклучително задоволство и ќе му даде посебно значење на овој јубилеен чин со кој ја славиме културната трага во времето, стои во објавата на Националниот џез оркестар.

Националната институција е формирана на иницијатива на Здружението на џез-музичари (ЗЏМ), кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во државата, регионот и Европа. Со своите концерти пополни голема празнина во овој дел на музичката култура во Република Северна Македонија.

Преку оваа установа, како што стои на официјалната веб страница на Националниот џез оркестар, се негуваат талентираните џез-музичари кои работат во државата и им се овозможува траен и одржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез-културата, како и да ја популаризираат македонската џез-музика.

Со оглед на празнината што ја имаше државата со непостоењето на ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез-културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност.

Оркестарот на Здружението на џез-музичари веќе се имаше докажано како врвен ансамбл, на ниво на светските стандарди, а како национална установа ќе продолжи да го одржува и подобрува нивото. Примарна функција останува концертната дејност, како и организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство, а ќе продолжи со вмрежување со европски и со светски сродни институции според практиката што веќе е установена, наведуваат од оваа национална установа.

Влезот за изложбата е слободен.

фото:Скопско лето

To top