Општина Чаир од 23 до 26 јули во Куршумли ан и Сули ан ќе организира меѓународен музички фестивал насловен „Чаршија“, кој ќе се одржи под уметничко водство на светски познатата оперска дива Инва Мула и сопранистката Дшира Ахмети.
Најавувајќи го првото издание на фестивалкот, Општината соопшти дека со него почнува „ново поглавје во културниот живот“ и оти Мула и Ахмети „со своето искуство, уметничка визија и меѓународно признание на фестивалот ќе му дадат посебна вредност и меѓународен карактер“.
-Во текот на четирите фестивалски вечери, публиката ќе има можност да ужива во богата уметничка програма со концерти на класична музика, камерна музика, оперска гала вечер, како и уметнички интерпретации на албанската традиционална музика, со учество на реномирани домашни и странски уметници. Фестивалот претставува нова културна иницијатива чија цел е создавање одржлива уметничка традиција, претворајќи ја Старата скопска чаршија во простор каде што се среќаваат музиката, културата и историското наследство, информира Општина Чаир.
Општината во соопштение посочува дека целта на иницијативата е и да ја зајакне меѓународната културна соработка, да го афирмира богатото наследство на Старата скопска чаршија и да придонесе кон развојот на културниот туризам во Скопје.
-Ова е првото издание на фестивалот „Чаршија“, кој ќе се одржува секоја година, со амбиција да прерасне во еден од најпрепознатливите културни настани во земјата и регионот, информира Општина Чаир.
Во претстојниот период ќе биде објавена целата програма и придружните активности на новиот музички фестивал „Чаршија“. хс/
Фото: плакат / Општина Чаир







