На 63 годишна возраст почина Зоран Маневски, кого пошироката јавност го познаваше како естраден уметник, музичар и фолк пејач кој многу пати учествуваше на најпрестижните фолк фестивали во Македонија како: „Валандово“, „Цветници“, “Тетовски Филиграни“, „Интерфест Битола“, „Серенада“ и др.
Но, пред се’ битолчани го знаеја и како професор по виолина во Државното музичко училиште во Битола, кој беше исклучително посветен на работата и како резултат на тоа, зад себе остави плеада ученици – виолинисти, добар дел од нив познати музичари во државата, но и надвор од неа.
Еден од нив е македонскиот поп пејач Димитар Андоновски, чиј професор бил Маневски. Но тој бил и човекот кој прв му подал рака, го проценил неговиот музички потенцијал, го насочил и на некој начин му го трасирал патот во музиката, која ќе стане и животна определба и професија на битолскиот пејач и виолинист.
Погоден од прераното заминување на Зоран Маневски, македонскиот пејач со трогателен Фејсбук статус, се прости од својот починат професор, јавно заблагодарувајќи му се за се’ што направил за него во животот.

„Денес за последен пат се простуваме со човекот кој е еден од најзаслужните што јас денес сум музичар.
Човекот што прв ме фати за рака кога се запишав во нижото музичко училиште. Ме праша што сакам да свирам, а јас му одговорив – гитара. Ми рече дека нема таков отсек и дека можам да учам виолина. Прифатив. Потоа ме праша кого сакам за наставник, а јас без размислување му одговорив – Вие.
Така започна еден пат што го носам во себе целиот живот.
Професор Зоран Маневски беше човек кој создаде генерации, човек кој живееше за музичкото училиште, за учениците, за знаењето и за иднината на многу млади луѓе. Такви луѓе не се забораваат, затоа што не оставаат трага само во професијата, туку и во душата.
Со голема тага ја примив веста, професоре Зоран… Прерано не напуштивте.
Ви благодарам за се што направивте за мене, за подадената рака на самиот почеток, за вербата, за насоката и за човечноста.
Бог нека ви дарува вечно небесно царство.
Нека ви е светол патот“ – споделил во својот Фејсбук статус Димитар Андоновски, со огромен пиетет и почит, како последен поздрав до својот некогашен професор.

Фото: Фејсбук/Dimitar Andonovski





