Трагедијата во Кочани не само што ја одбележа 2025-та, туку ќе остане непрбол кој ќе не следи додека сме живи, додека постои Македонија, како што не следат и сите претходни помли или поголеми несреќи во кои изгубивме мноштво животи… Скопскиот земјотрес, воениот конфликт од 2001-ва, Ковид пандемијата, автобуските несреќи во Ласкарци и Бугарија, модуларната болница… Само што во Кочани замина цела една младост, една цела генерација млади луѓе кои допрва го започнуваа животот, па затоа и трагедијата останува како вечен незаборав на она што ни се случи како држава и нација, на она што зацрни бројни семејства, мајки, татковци, жени, мажи, дечиња… Останаа само болката, немирот и неспокојот, скршените срца и празните души, борбата за правдата, спомените и сеќавањата, останаа само „нашите слики“ и песната што патува…

Меѓу музичарите чии млади животи таа кобна мартовска ноќ згаснаа, беше и оној на бас гитаристот на ДНК, штипјанецот Александар „Цеата“ Коларов. Одличен музичар, уште подобар сопруг, кого за жал повеќе го нема… Но, само физички!
По повод негов неговиот прв небесен роденден, неговата сопруга Маја „Рамона“ Крстевска Коларова реши да му ја испрати песната што патува… Познатата антологиска балада на легендарната група „Меморија“, вечниот евергрин „Нашите слики“ како небесен роденденски подарок од Рамона за вечен спомен на нејзиниот Цеата.

Акустична преработка која и самата ја испеала, како кавер кој така сликовито ги опишува нејзините чувства, нејзините силни емоции по личната трагедијата што (н)и се случи, во која го изгуби и својот сакан Александар.

Песната што патува… „Нашите слики“ немаше да се роди без помошта на:
Меморија VIS Memorija и Petar Georgievski – Kamikaza кои без размислување дадоа дозвола за преработка на песната.
Ирена Крстевска Стевановска за огромната поддршка и времето во студиото на Filip Stevanovski – FIS PRODUCTION. Местото кое сѐ уште ја носи енергијата на Фичо и присуството на мојот Цеа.
Goran Tonev за емоцијата која ја препозна и ја преточи во звукот на гитарата. И за поврзаноста која ја имаме после сѐ…
Ilija Kjosevski за целосниот аудио-запис и поддршката во сѐ.
Stefan Katrandjiski за видеото и професионалноста.
Jovan Ivanov за помошта и поддршката.
Прегратка за мојата најсветла ЅВЕЗДА што секогаш ме разбира, поддржува и следи…
И секако – за мојата најголема и вечна инспирација Aleksandar Ceata Kolarov кој живее во моите песни, моите стихови… За силата и храброста што ми ја дава постојано.
Те сакам, љубов моја возвишена!“ – споделила заедно со песната и видеото Маја Рамона, додавајќи ги сите кои овозможиле и помогнале во реализацијата.

Од безусловната дозвола на групата Меморија песната да добие своја кавер верзија, онаква каква што ја замислила Маја, до сите кои учесвувале во снимањето, меѓу кои и преживеаниот гитарист на ДНК во таа кобна вечер, Горан Тонев, како и Ирена, сопругата на починатиот клавијатурист на групата Филип Стевановски во чие студио песната била снимена.

Во истовреме, на својот официјален Фејсбук профил се огласија и членовите на ВИС „Меморија“, кои во својата недвојбена и безрезревна поддршка покрај видеото со песната споделија свој пост:

„Во раните мугри, ангелскиот глас на сопругата на колегата басист од ДНК, допира до срце и до бесконечниот космос. Бог да го прости, и да остане во вечните мисли и срца засекогаш“ – пишува во објавените зборови покрај споделенето видео.

Како звучи новата или поточно нејзината верзија на „Нашите слики“ – песната што патува до вечноста, таму каде што и ангелите ќе ја пеат заедно со нејзиниот Александар, слушнете и погледнете во видеото на Маја „Рамона“ Крстевска Коларова и нејзината изведба со посвета.






