Лице в лице

Давор Јордановски – уметнички директор на Интернационалната поп вечер на „Охрид Фест – Охридски трубадури“: „Не ги копираме светските трендови – сакаме ние да бидеме инспирација“

Давор Јордановски – уметнички директор на Интернационалната поп вечер на „Охрид Фест – Охридски трубадури“: „Не ги копираме светските трендови – сакаме ние да бидеме инспирација“

Некои луѓе ја создаваат музиката што ја слушаме, а други тивко стојат зад најголемите музички приказни. Давор Јордановски со години успешно ги спојува двете улоги. Како музичар, композитор, аранжер и продуцент, неговиот потпис се наоѓа зад бројни успешни проекти, а како уметнички директор на Интернационалната поп вечер на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, веќе со години е еден од клучните луѓе кои го креираат музичкиот правец на фестивалот и избираат кои песни ќе застанат пред публиката.

Во пресрет на 33. издание на фестивалот, разговаравме со човекот кој најдобро знае што се случува зад кулисите, како се избираат композициите, колку е тешко денес да се препознае вистинскиот хит и што ја очекува публиката на Интернационалната поп вечер. Колку е голем предизвикот да се задржи угледот на фестивал со повеќедецениска традиција? Дали оваа година ќе слушнеме песни што ќе останат да живеат и по фестивалската вечер? И што е она што публиката не го гледа, а е пресудно за една успешна фестивалска приказна?

Одговорите ги дознаваме во интервјуто со Давор Јордановски – човекот кој веќе со години е еден од најважните креатори на современиот звук на Интернационалната поп вечер на „Охрид Фест – Охридски трубадури“.

Интернационалната вечер по правило носи поинаков, поглобален звук. На кој концепт се базира овогодинешното издание и колку фестивалот успева да ги имплементира современите светски музички трендови?

Давор Јордановски: Концептот и оваа година останува насочен кон спојување на различни музички култури и современи продукциски пристапи, без да се изгуби автентичноста на фестивалот. Настојувавме да избереме композиции кои звучат модерно, конкурентно и радио-прифатливо, но истовремено носат свој препознатлив идентитет. Светските трендови ги следиме внимателно, но не ги копираме – целта е тие да бидат инспирација, а не шаблон.

„Охрид Фест“ одамна ја надмина локалната димензија. Од кои земји доаѓаат годинашниве учесници и каква е улогата на оваа вечер во културната размена и пласманот на македонската музика надвор од границите?

Давор Јордановски: Оваа година на Интернационалната вечер ќе настапат претставници од Босна и Херцеговина, Словенија, Србија, Хрватска, како и, секако, од Македонија. Тоа потврдува дека „Охрид Фест – Охридски трубадури“ и понатаму е значајна регионална музичка платформа која ги обединува најдобрите автори и изведувачи од Балканот.

Интернационалната вечер е многу повеќе од натпреварувачка програма – таа е простор за културна размена, нови професионални контакти и музички соработки. Преку ваквите средби се создаваат можности македонските автори и изведувачи полесно да ја пласираат својата музика надвор од границите, а истовремено странските учесници добиваат можност подобро да ја запознаат македонската музичка сцена. Токму затоа верувам дека фестивалот има значајна улога во поврзувањето на регионалната музичка индустрија и во афирмацијата на македонската музика на поширокиот пазар.

Каков беше одзивот на авторите и што најмногу Ве изненади при изборот на композициите? Има ли специфичен жанровски правец што доминира годинава?

Давор Јордановски: Интересот беше навистина добар, а она што особено радува е квалитетот на пријавените композиции. Забележливо е дека авторите сè повеќе размислуваат интернационално – и во продукцијата и во пристапот кон создавањето музика. Не би рекол дека доминира само еден жанр; напротив, програмата нуди разновидност – од современ поп, преку денс и поп-рок, до песни со етно елементи, што ја прави вечерта динамична и интересна.

Интересно е и тоа што оваа година забележавме наплив на автори кои при подготовката на своите композиции користеле алатки базирани на вештачка интелигенција како дел од креативниот процес. Тоа е тренд кој сè повеќе е присутен и на светската музичка сцена. Верувам дека и на публиката ќе ѝ биде интересно да се обиде да препознае кои песни се создадени со поддршка на оваа технологија, иако на крајот најважни остануваат квалитетот, емоцијата и авторската креативност што ги носи секоја композиција.

Што ќе биде главното музичко или продукциско освежување што ќе ѝ го понудите на публиката? Какви се реакциите и перцепцијата на странските изведувачи кога станува збор за стандардите на фестивалот?

Давор Јордановски: Секоја година се трудиме продукциски да направиме чекор напред. Публиката може да очекува современа сценографија, подобрен аудио-визуелен концепт и настапи кои ќе понудат целосно сценско доживување. Странските учесници секогаш позитивно реагираат на професионалната организација, гостопримството и атмосферата што ја нуди Охрид, а тоа е една од причините поради кои многумина со задоволство повторно доаѓаат.

Кои се Вашите очекувања во однос на пост-фестивалскиот живот на песните? Имаме ли годинава композиции подготвени за поширок меѓународен пробив?

Давор Јордановски: Нашата цел не е песните да живеат само една фестивалска вечер, туку да продолжат да се слушаат и по завршувањето на фестивалот. Верувам дека има неколку композиции со сериозен потенцијал за регионален, па и поширок меѓународен успех. Денес, благодарение на дигиталните платформи, квалитетната музика многу полесно стигнува до светската публика.

Интернационалниот карактер наметнува и строги продукциски критериуми. Со оглед на тоа што визуелниот впечаток денес е нераздвоен дел од музичкиот, дали овогодинешното издание аудио-визуелно ќе им парира на странските фестивали и какви иновации да очекуваме на самата сцена?

Давор Јордановски: Денес не е доволно песната само добро да звучи – таа мора и визуелно да ја раскаже својата приказна. Затоа вложуваме многу внимание во сценскиот дизајн, осветлувањето, ЛЕД-визуелизациите и режијата на телевизискиот пренос. Верувам дека публиката ќе види модерно и атрактивно издание кое ќе ги исполни очекувањата и ќе покаже дека „Охрид Фест“ успешно ги следи современите продукциски стандарди.

Фото: Фејсбук/Davor Jordanovski

To top