Живот и стил

Рецепт за дамнешен претходник на Кока-Кола откриен во манастир во Фиренца

Рецепт за дамнешен претходник на Кока-Кола откриен во манастир во Фиренца

Рецепт од XIX век за пијалок што би можел да биде претходник на модерните кола- пијалоци е пронајден во аптеката на манастирот на Свети Марко во Фиренца, според монаси од италијанскиот град.

Рецептот од средината на XIX век е пронајден за време на чистење на архивите. Пожолтениот лист хартија ги наведува состојките, меѓу кои 30 грама кола оревчиња 10 грама боливиски листови кока и еден литар алкохолна смеса.

Според доминиканскиот монах Мануел Русо, рецептот е напишан на избледена рекламна брошура за „закрепнувачки вински еликсир“ направен од листови кока и оревчиња од кола.

На листот пијалокот се опишува како тоник наменет за ублажување на физичката и менталната исцрпеност, главоболки и слабоста поврзани со старост или „исклучителен напор“.

Русо вели дека пијалокот бил еден од најпродаваните производи во аптеката во тоа време, пренесува dpa.

Според записите, мисионерите донеле и листови од кока и оревчиња од кола во Тоскана од Јужна Америка.

Се верува дека денешната „Кока-кола“ е измислена во 1886 година, кога американскиот фармацевт Џон Смит Пембертон ја создал „Pemberton’s French Wine Coca“, тоник што содржел листови од кока и оревчиња од кола.

Кога Прохибицијата ја направила оригиналната формула нелегална, Пембертон го заменил алкохолот со вода и шеќерен сируп, на крајот создавајќи ја „Кока-кола“-та.

Новооткриениот тоскански рецепт е неколку децении постар од изумот на Пембертон, иако Русо нагласува дека нема докази за директна поврзаност меѓу манастирскиот напиток и подоцна светски познатиот пијалок.

To top