Промотер

Ана Петановска ја промовира емотивната „Балада за Ангелот“ – следна станица фестивалот „Бисер на Јадранот“ во Тиват (видео)

Ана Петановска ја промовира емотивната „Балада за Ангелот“ – следна станица фестивалот „Бисер на Јадранот“ во Тиват (видео)

Ана Петановска, еден од најпрепознатливите и најомилените женски вокали на македонската музичка сцена, периодов бележи значајни настапи надвор од границите на Македонија. По успешното претставување на годинашното издание на фестивалот „Белградско пролеќе“, пејачката денес ја промовира македонската верзија на емотивната композиција „Балада за Ангелот“, проследена со видеоспот.

Песната својата премиера ја доживеа на престижниот фестивал „Белградско пролеќе“, кој годинава одбележа 65 години од своето постоење. Интересно е што композицијата е создадена специјално за фестивалот и првично е напишана на српски јазик.

Зад музиката стои еден од најреномираните македонски композитори, Григор Копров, кој инспирацијата за песната ја пронашол во едноставен, но длабоко емотивен коментар оставен под видеозапис на незаборавниот Тоше Проески. Коментарот гласел: „Кога сум тажна тука си, кога сум среќна тука си“. Токму оваа мисла станала темел за рефренот и почеток на приказната која подоцна прераснала во целосна музичка композиција.

„Балада за Ангелот“ носи силна емотивна порака и потсетува на трајната поврзаност меѓу музиката и луѓето кои во неа пронаоѓаат утеха, сила и инспирација. Публиката во Белград веднаш ја почувствува искреноста на песната, а позитивните реакции продолжиле и по фестивалската вечер. Покрај музиката на Копров, автор на оригиналниот српски текст е Душан Бачиќ, додека македонската верзија ја потпишува самата Ана Петановска. Аранжманот е дело на македонски продуцент, гитарист и нејзин брат Стефан Петановски.

Но, за Ана ова не е крај на фестивалската сезона. Следната станица е интернационалниот фестивал „Бисер на Јадранот (Бисер Јадрана)“ во Тиват, каде што ќе настапи во дует со Наташа Михајловиќ, поранешна членка на популарната регионална група „Фрајле“. Двете пејачки ќе се претстават со композицијата „Под ногама“, од која се очекува да биде едно од поинтересните фестивалски изведувања ова лето.

Со „Балада за Ангелот“ и новите регионални соработки, Ана Петан уште еднаш на сите нас ни покажува дека македонската музика има што да понуди и надвор од домашните рамки, продолжувајќи успешно да ја претставува земјата на значајни балкански музички сцени.

фото:Приватна архива/ Ана Петановска

To top