ДНК имаат нова песна… Длабоко искрена, потресна, чувствителна, емоционално срцепарателна… песна од и за животот, за неговата убава и тажна страна, за најсреќните и најтажните мигови… Кога заедно се радуваме и кога сите тагуваме, кога некои од нас прерано ќе заминат, а ќе останат само во спомените вечно да живеат!
Затоа такви се и стиховите на „Животе брате“: „Животе брате, брате дај насмевни се, животе брате, брате дај смилувај се, животе брате, брате да запееме, еднаш живееме“…
Песна која некако доаѓа како логично продолжение на она што Панчо и Андреј го започнаа со „Ако утре ме нема“. Во истиот стил е и оваа, во која пејачки им се придружиле нивниот пријател, македонската фолк легенда Наум Петрески, засилени одново со мегапопуларниот Џамбо и неговите компањони од блех оркестарот Агушеви.
Песна која освен што има универзално значење и не допира сите нас, е всушност песна со тажна посвета. Песна која е напишана во чест на прерано заминатите урбани скопски момци, двајца добри пријатели на Панчо и ДНК, но и пријатели со илјадници скопјани кои ги познаваа одблизу.
Најпрвин познатиот македонски бодибилдер и фитнес тренер, Мирко Петровски, кој ненадејно почина во почетокот на март годинава на 47 годишна возраст, кој на Панчо му беше не само личен фитнес тренер туку многу повеќе од тоа.
И се’ уште не беше ниту оддалеку легната тагата и смирена болката, кога животот задава нов удар, нова нокаут… Само два месеци подоцна, во средината на мај, ненадејно почина и Марјан Михајловски – Маци, аеродромска легенда, еден од предводниците на навивачката група на МЗТ Скопје, идол на големата „фамилија“ аеродромци кои го сакаа, меѓу кои и Панчо со кого се познаваа над 30 години.
Животе брате не е фер… Затоа Панчо ќе реши да напише песна (заедно со Лазар Цветковски) и стихови кои ќе им ги посвети на своите прерано заминати другари.
Но и на сите оние кои не сфаќаат дека животот е краток, бргу минува, неретко и не е фер, зашто како што вели една друга песна: Денес сме овде – утре не… Утре можеби ќе нема некого од нас!
Полна со емотивен набој, со потресните стихови на Панчо, вонсерискиот емоционален вокал на Наум Петрески и тажниот звук на трубите на Џамбо Агушев и неговиот оркестар, „Животе брате“ е химна за животот…
Или второ дел од како што веќе рековме, онаа претходната „Ако утре ме нема“. Химна која несомнено секогаш и секаде ќе се пее, но, само за добро да е… За среќни и радосни мигови, за прослави и веселби, за прегратки, бакнежи и насмевки, само за убавини…! Зашто, „Животе брате“, ако е до тебе… Од црнила – доста е!