Промотер

Ана Петан ја освојува Шибенската шансона: Македонскиот глас меѓу најголемите имиња на јадранската музичка сцена

Ана Петан ја освојува Шибенската шансона: Македонскиот глас меѓу најголемите имиња на јадранската музичка сцена

Еден од најценетите фестивали на авторска музика во регионот – „Фестивалот на далматинската шансона во Шибеник“, и годинава ја потврдува својата репутација како престижна сцена за врвни музички автори и интерпретатори. На натпреварувачката вечер, која ќе се одржи на 22 август во Шибеник, ќе бидат изведени 25 нови композиции, избрани по исклучително силна конкуренција, што ова издание го прави едно од најбогатите и најинтересните во последните години.

На сцената во Шибеник ќе настапат бројни познати имиња од хрватската музичка сцена, меѓу кои Ибрица Јусиќ, Ѓани Стипаничев, Иво Патиера, Марко Кутлиќ, Дино Петриќ и многу други. Фестивалот и оваа година ја продолжува својата мисија – да ја поврзува традицијата на шансоната со современиот музички израз, создавајќи простор за нови авторски приказни и врвни музички остварувања.

Посебна чест за македонската музичка сцена е фактот што единствен претставник од Македонија годинава ќе биде Ана Петан, која пред шибенската публика ќе ја изведе својата нова композиција „Твоја сум јас“.

Песната е дело на двајца истакнати македонски автори – музиката и текстот ги потпишува Григор Копров, еден од најзначајните композитори во историјата на македонската забавна музика, додека аранжманот е на Стефан Петановски. Со ваква авторска екипа зад себе, Ана Петан ќе се обиде да остави силен впечаток на фестивал кој повеќе од две децении претставува симбол на квалитетната шансонска и авторска музика на Јадранот.

Настапот во Шибеник доаѓа во исклучително значаен период од нејзината кариера. Покрај фестивалската премиера на „Твоја сум јас“, Ана Петан пред регионалната публика ќе го претстави и својот дебитантски студиски албум „Само љубав постоји“, објавен под етикетата на престижната издавачка куќа Croatia Records, кој е достапен на сите дигитални музички платформи. https://ampl.ink/Xxezp

Промоцијата на албумот ќе се одржи во рамките на фестивалот, во организација на Croatia Records, а на неа ќе присуствуваат голем број познати музичари, автори, композитори, продуценти и претставници на медиумите. Особено значајно е што по легендарниот Влатко Стефановски, Ана Петан е втор македонски музички уметник кој објавува издание за оваа реномирана балканска дискографска куќа. Албумот „Само љубав постоји“ содржи десет композиции кои го заокружуваат досегашниот музички пат на Ана Петан, а меѓу нив се наоѓа и наградуваната песна „Љубав увијек побиједи“, со која Ана ја освои наградата за најдобра интерпретација на фестивалот „Бисер Јадрана“. Изданието ги вклучува и хрватските верзии на песните „Balada za anđela“ и „S tobom do zvijezda“, како и емотивниот дует „Небо“ со легендарниот Дадо Топиќ, кој воедно е автор на текстот.

Покрај Григор Копров и Стефан Петановски, како автори на песните на албумот се потпишуваат и Душан Бачиќ и Роберт Пилепиќ, создавајќи разновиден музички материјал кој ги обединува современиот поп-звук, силната вокална интерпретација и препознатливата медитеранска емоција.

Со настапот на „Фестивалот на далматинската шансона во Шибеник“, Ана Петан не само што ќе ја претставува Македонија на една од најреномираните музички сцени во регионот, туку ќе направи и уште еден значаен чекор во својата кариера – претставувајќи ја својата музика пред пошироката публика и потврдувајќи дека македонските автори и изведувачи имаат заслужено место на регионалната музичка сцена.

фото: You tube/Ana Petanovska

To top