Враќањето на култниот бренд „Викторија сикрет“ на модната писта го одбележа одлука што предизвика жестоки дебати меѓу љубителите на модата.
Наместо препознатливите лица од светот на високата мода, централната улога на годишниот настан ѝ беше доверена на ријалити-ѕвездата и козметичка претприемачка Кајли Џенер, која се појави во парче долна облека украсено со дијаманти и злато, чија вредност се проценува на 37 милиони фунти, односно околу 50 милиони долари.
Познатиот „Fantasy Bra“, кој низ годините претставуваше врв на кариерата за најуспешните светски манекенки, оваа година го носи потписот на познатата златарска куќа „Jacob & Co“. За неговата изработка биле потребни повеќе од илјада работни часа и тим од 15 врвни мајстори, со што официјално стана најскапиот примерок досега прикажан на оваа ревија.
Сепак, одлуката на раководството клучниот момент на вечерта да ѝ го довери на членка на семејството Кардашијан наиде на поделени реакции. Додека нејзините милиони следбеници го поздравуваат овој потег, експертите и традиционалните љубители на модата во него гледаат целосна промена во пристапот на брендот.
@kyliejenner best day ever 🤍
Аналитичарот за дигитални медиуми Џоел Марлинарсон смета дека станува збор за внимателно осмислен маркетиншки потег што ги одразува новите приоритети во модната индустрија.
„Секако, Кајли претставува нова ера на познати личности, во која брендовите им даваат предност на оние што ќе привлечат најголемо внимание, наместо на оние што се вклопуваат во класичната дефиниција за манекенка“, изјавил тој, пренесува „Би-би-си“.
Марлинарсон наведува дека помладите генерации ја следат Џенер уште од најрана возраст, преку ријалити-емисиите и објавите на социјалните мрежи, па затоа нејзиното присуство им изгледа сосема природно. Од друга страна, публиката што пораснала со модни икони како Наоми Кембел, овој потег го доживува како отстапување од естетските вредности врз кои модната писта се темелеше со децении.
Тој додава дека познатите компании денес избегнуваат неизвесност и избираат докажани лица што гарантираат масовно медиумско внимание.
„На крајот, ова претставува нова ера на маркетингот, во која брендовите, особено „Викторија сикрет“ и другите компании со долга традиција, не сакаат да ризикуваат. Сакаат да ангажираат некого за кого знаат дека ќе привлече внимание, ќе се најде на насловните страници и постојано ќе привлекува публика. Токму тоа го направи „Викторија’с сикрет““, објаснил тој.
Бранови незадоволство ја преплавија и социјалните мрежи. Додека некои го фалат необичниот стајлинг на официјалните профили на брендот, други отворено негодуваат, наведувајќи дека ваквиот избор претставува потценување на професионалните манекенки и дека естетиката и препознатливиот шарм на модната писта отстапиле место на трката за лајкови и површната инклузивност.
Од друга страна, креативното раководство на брендот го брани избраниот концепт. Извршниот креативен директор Адам Селман истакнува дека Кајли била избрана поради влијанието што ги надминува границите на една индустрија.
„Кајли навистина ги надминува границите на модата, културата, телевизијата и која било друга област. Тоа е токму она што го правиме и ние. Ревијата е огромен настан, вистинска забава, и мислам дека таа е одличен избор за тоа“, изјавил Селман.
Сепак, не се согласуваат сите од светот на манекенството со оваа одлука. Британската манекенка Самер Несбет смета дека потегот јасно покажува оти модната куќа сака по секоја цена да остане релевантна меѓу помладите корисници на интернет.
„Таа е инфлуенсерка со големо влијание, а ние живееме во ерата на социјалните мрежи“, истакнала Несбет.
Таа укажува и на противречноста во промовирањето астрономски скап моден додаток во време кога мнозинството луѓе се соочуваат со економски предизвици.
„Луѓето немаат што да јадат, не можат да си ги платат сметките за струја. Мислам дека има многу што да се каже за тоа каде го насочуваме вниманието и каде ги вложуваме парите“, рекла манекенката.
За потсетување, „Викторија сикрет“ во 2018 година привремено ги прекина своите годишни спектакли поради значителниот пад на гледаноста и критиките за едностраниот приказ на женската убавина. По паузата, ревијата повторно беше организирана во 2024 година, со најави за поразновиден состав на манекенки, меѓу кои и Ешли Греам.







