Шеф Никола Мишковски нема кој не го знае. Особено по долгогодишното емитување на најгледаното кулинарско шоу „Брза кујна“ во која се’ тече , се’ се менува, а само тој е вечен… Барем досега!

Секоја емисија се менуваат гостите учесници, се сменија членовите на жирито, се менуваа водителките, се сменија и неколку готвачи, ама шеф Никола остана константа.

До душа и тој ги менува секоја емисија рецептите, а Бога ми и самиот го промени и физичкиот изглед откако реши драстично да ја намали својата тежина и евидентно ослабе, па сега повеќе личи на манекен отколку на готвач. Оти народот има непишано правило во главата дека готвачот „по дифолт“ мора да биде полничок, да не речеме дебел, ама тоа очигледно е само мит, кој најпостојаниот во „Брза кујна“ го урна!

Но, со последната објава на својот Фејсбук профил, шеф Никола Мишковски недвојбено покажа дека некој се обидува нему да му го урне авторитетот. И тоа очигледно нему блиски луѓе или барем некогаш тоа му биле, кога кај него, во неговата кујна почнувале да стануваат некои и нешто во готвачкиот занает, многумина дури почнувајќи и од нула!

Арно ама, како што вели старата добра поговорка: „Каменот по глава доаѓа одблизу“, па така откако се почувствувале доволно „силни и способни“, се свртеле против него и… „Денес, истите тие луѓе имаат образ да заборават каде биле и да зборуваат лошо за човекот од кого учеле“ – како што меѓудругото посочува самиот Никола во својата предбожиќна Фејсбук исповед.

„Многумина влегоа во мојата кујна како почетници, некои и како ништо. Излегоа со занает, знаење и самодоверба. Тоа е факт! Денес, истите тие луѓе имаат образ да заборават каде биле и да зборуваат лошо за човекот од кого учеле. Тоа не е успех – тоа е неблагодарност.
Не сум јас тој што треба да се оправдува. Јас знам што сум дал и до каде сум ве донел. Кој има карактер, ќе го признае тоа. Кој нема, ќе плука по минатото.
Запомнете едно: може да ме надминете, но не можете да избришете дека од мене сте почнале и јас ви го променив животот. Кујната не простува заборав, ниту животот. Кој памети од каде тргнал, оди напред. Кој плука по својот почеток, сам си го затвора патот и ќе остане сам!
Кармата е незгодна,кога тогаш ќе ве стигне“ – им порача шеф Никола на своите бивши ученици и некогашни соработници.

На кого ова конкретно се однесува, познатиот готвач не споменал имиња, очигледно очекувајќи дека оние на кои ова им е упатено, сами ќе се препознаат. Но, дали некои се’ уште се или веќе биле дел и од актуелното ТВ шоу „Брза кујна“, е можеби она што најмногу ги интересира ТВ гледачите и воопшто јавноста? Засега шеф Никола повеќе ништо не кажува!
Но затоа, неговите зборови ги препознаа меѓу другите и некои јавни личности, поточно познатиот македонски фолк пејач Јордан Митев, кој во исповедта на шеф Никола како да се видел себе си, поточно својата приказна која му се сторила некако слична. Фолкерот во две три реченици му дал полна поддршка на познатиот готвач, сликовито опишувајќи ја разликата помеѓу поединецот и толпата, осамениот квалитет и безличното јато.


Фото: Фејсбук/Nikola Mishkovski/Jordan Mitev





