Повторно успеа да направи моден потег за кој зборува целиот свет.
Неколку месеци по Африканскиот куп на нации, кога фудбалерите на Демократска Република Конго привлекоа огромно внимание со впечатливите јакни со леопардов принт, конгоанскиот стилист Алвин Жуниор Мак повторно блесна со нов изглед за националниот тим.
На 12 јуни, неколку дена пред првиот натпревар на ДР Конго на Светското првенство против Португалија, „леопардите“ пристигнаа во Хјустон, САД, во издание кое не можеше да помине незабележано.
Целата делегација беше облечена во елегантни црни костуми, дополнети со леопардов материјал што минува низ дел од јаката, впечатлив брош и голема чанта, исто така со леопардов мотив. За првиот настап на Конго на Светско првенство по 1974 година, целата делегација изгледаше совршено дотерано.

Зад ова ново стилско издание, кое веќе го обиколи светот, стои дизајнерот Алвин Жуниор Мак. Тој живее и работи во Париз, каде е основач и креативен директор на сопствениот бренд JmakxParis.
Пред Африканскиот куп на нации, Мак го претставил својот проект и визија пред министерот за спорт Дидие Будимбу, кој му дал зелено светло да започне со работата. Успехот на првата соработка природно доведе и до нова – овојпат за најголемата фудбалска сцена во светот.
„Не сакав да направам проект само колку да направам проект. Сакав да создадам нешто економско, социјално и културно“, вели младиот дизајнер.
Според него, во изминатите години облеката на конгоанската репрезентација и материјалите што се користеле „немале доволно африканска конотација“. Токму тоа сакал да го промени.
Со новиот костум, Алвин Мак сакал да им оддаде почит на фудбалерите од репрезентацијата на ДР Конго од 1974 година – првиот тим од субсахарска Африка што настапил на Светско првенство, но и последната конгоанска генерација што играла на Мундијал.
„Во 1974 година тие беа облечени во темносини костуми“, објаснува тој.
„Ја презедов таа идеја за елеганција и кројачка прецизност, но овојпат со црн материјал од свилен креп – едноставен и елегантен, со леопардов дизајн. Сакав да создадам силуета што ќе биде препознатлива и силна уште пред да се гледа како обична облека: костумот и чантата како целина.“

Особено внимание привлекува големата чанта со остри рабови.
„Формата потсетува на ѕвезда“, вели стилистот.
„Таа е симбол на нашата амбиција на ова Светско првенство. Репрезентацијата не е тука само за да учествува, туку да оди до крај. Тоа беше пораката.“
Додека многу репрезентации го искористија Светското првенство за соработка со големи модни куќи и познати креатори – Франција со Jacquemus, Шпанија со Loewe, Англија со Palace – токму ДР Конго успеа силно да се издвои со модно издание кое истовремено е елегантно, современо и длабоко поврзано со историјата и културата на земјата.
„Со нашата облека се обидовме да ја поместиме границата на креативноста“, вели Алвин Жуниор Мак.
„На чантата, на пример, работевме со текстури, плетенки и мотиви што го претставуваат патот на ‘леопардите’ низ историјата. Сè беше изработено во Конго, со локални занаетчии, што ни овозможува да ја истакнеме конгоанската работна сила. Ако тоа привлече идни инвеститори кои би сакале да произведуваат во Конго, тогаш тоа е мојот мал придонес.“

Фотографиите од конгоанската делегација во новото модно издание брзо го обиколија светот, а Алвин Жуниор Мак доби внимание и од „Њујорк тајмс“, за кој даде интервју.
Дизајнерот веќе размислува своите услуги да ги понуди и на други репрезентации, но сака да ја продолжи и симболичната соработка со својата земја – Демократска Република Конго.
Дотогаш, по стилското пристигнување на Светското првенство, се очекува конгоанските фудбалери повторно да ги видиме во овие впечатливи костуми и при заминувањето од турнирот.
Колку подоцна, толку подобро.
Извор: GQ France







