Домашните јуфки се едни од оние традиционални тестенини што мирисаат на домашна кујна и се прават со многу љубов и трпение. Овој рецепт е за поголема количина, идеален за да си направите залиха за цела сезона. Тестото е поцврсто и суво, па за месењето е потребно малку повеќе сила — но трудот навистина се исплати!
Состојки:
5 кг бело брашно
1 литар млеко
30 јајца – по можност домашни
5 лажици сол
Подготовка:
Брашното ставете го во голем сад. Бидејќи количината е голема и тестото е прилично суво и тешко за месење, најдобро е да го подготвувате во два наврати. Во средината на брашното направете вдлабнатина. Јајцата кршете ги едно по едно па додавајте ги во средината на брашното. Додајте ја солта и млекото, па започнете со месење. Тестото треба добро да се измеси и да стане компактно и мазно. Бидејќи е поцврсто, месењето бара малку повеќе сила и трпение. Кога тестото ќе биде добро измесено, оставете го во садот и покријте го со најлонска фолија и чиста крпа. Оставете го да одмори најмалку 30 минути. Тестото поминувајте го низ машина за тестенини. Најпрво поминете го на бр. 1, односно на најдебелата поставка. Добиените ленти оставете ги малку да се просушат. Можете да ги распоредите на решетка за сушење алишта или на друга подлога. Потоа повторно поминете ги лентите низ машината, овојпат на бр. 3, и повторно оставете ги кратко да се просушат. На крај, поминете ги на бр. 5 и оставете ги уште еднаш да се просушат. Кога лентите ќе бидат доволно просушени, исечете ги на ленти-јуфки. Распоредете ги на чисти чаршафи или памучни крпи и оставете ги добро да се исушат. Внимавајте јуфките да не се залепат една за друга додека се сушат. Повремено размешајте ги и распоредете ги за рамномерно да се исушат. Кога целосно ќе се исушат, соберете ги и чувајте ги на суво и проветрено место во платнена торбичка.
Фото: Magnific







