Радио Милева во младешко издание

Сите сакаат кога си тука: Победникот во „Никогаш не е доцна“, кумановецот Виктор Димитриевски вака го пее Јаков Јозиновиќ (ВИДЕО)

Сите сакаат кога си тука: Победникот во „Никогаш не е доцна“, кумановецот Виктор Димитриевски вака го пее Јаков Јозиновиќ (ВИДЕО)

Победникот на музичкото шоу „Никогаш не е доцна“, кумановецот Виктор Димитриевски (48), очигледно нема намера да се „закова“ само за вечните поп и народни хитови со кои ја освои публиката низ целиот регион, иако останува препознатлив по нивната изведба, по што го доби и прекарот „кумановскиот Чола“!

Напротив – Виктор реши да покаже дека одлично му лежат и актуелните музички трендови, па во една кафеана пред бројните гости се фати за микрофонот во костец со мегахитот „Ја волим“ на младата музичка сензација Јаков Јозиновиќ. И тука почна вистинската забава, во која Виктор покажа дека музички „не за’рѓал“!

Наместо препознатливите класици на кои публиката беше навикната да го слуша за време на натпреварувањето, Виктор понуди сосема поинаква музичка приказна. Со својот моќен и специфичен вокал, 48-годишниот кумановец му даде нова боја на актуелниот хит.

Видеото од неговата изведба експресно почна да кружи по социјалните мрежи, а реакциите не изостанаа. Публиката очигледно сака да го гледа Виктор и во вакво,  „младешко“  издание, па комплиментите за неговиот глас, енергија и музичка разновидност само се нижат.

Ако некој мислеше дека победата во „Никогаш не е доцна“ беше врвот за Виктор, тој очигледно има уште што да покаже.

Инаку, кумановецот има сосема друга  професија. Тој  е дипломиран електроинженер и работи како консултант за енергетска политика. Но, кога ќе застане пред микрофонот, дипломата паѓа во втор план, а до израз доаѓаат неговиот раскошен вокален талент, харизмата при изведбата и заразната позитивна енергија.

Токму со тоа успеа да направи историски успех и да ја освои 11-тата сезона на „Никогаш не е доцна“, а сега повторно покажува дека за добар глас очигледно никогаш не е доцна!

Фото и видео: Фејсбук/Viktor Dimitrievski/AI Grok

To top