Неговиот глас ја освои публиката, но неговата животна приказна ги освои срцата! Македонецот Бојан Илиевски е големиот победник на 19. сезона од „Ѕвездите на Гранд“, а зад блескавата победничка насмевка се крие живот исполнет со болка, загуби и тешки искушенија.
Додека милиони гледачи го следеа големото финале, малкумина знаеја низ каков пекол поминал младиот пејач пред да стигне до победничкиот трон. И самиот признава дека не верувал дека токму неговото име ќе биде испишано на врвот.

„Искрено, не очекував дека баш јас ќе победам“, призна Бојан, кој и по прогласувањето остана во неверување од огромната поддршка што ја доби од публиката.

Но, патот до славата не бил ниту малку лесен. Рано останал без родителите, а најголема потпора во животот му била неговата баба, жената која и денес е негов најголем борец и најверен поддржувач.

Во емотивна исповед за „Гранд“, Бојан откри и дека во еден период од животот бил на работ да тргне по пат од кој тешко се враќа. По смртта на мајка му западнал во длабока животна криза и се соочил со зависност од коцкање.
„Сè почна кога ми почина мајка ми. Се разочарав од животот, повеќе од една година не работев и целосно се изгубив“, искрено раскажа победникот.

Токму во петтиот круг од натпреварувањето размислувал дури и да се откаже, но наместо да потоне уште подлабоко, собрал сила да се избори со себе. Си ветил дека никогаш повеќе нема да се врати на старите навики и чекор по чекор почнал да го гради својот нов живот.

„Му ветив на менторот, но најмногу си ветив себеси дека никогаш повеќе нема да ги повторам тие грешки“, вели Бојан.

Неговата искреност и храброст да зборува за најтешките моменти од животот предизвикаа солзи кај многумина уште пред финалето, а по победата емоциите кулминираа.
Најтрогателниот момент се случил дома, веднаш следното утро.

„Баба ми е најсреќна. Кога станав утрово, таа повторно плачеше. Ѝ велам: ‘Вчера плачеше, сега пак плачеш’“, низ насмевка раскажа новата ѕвезда на Гранд.
Иако животот не го галел, Бојан никогаш не се откажал од образованието и музиката. Завршил музичко образование, студирал и на академија во Словенија, а денес неговата истрајност е крунисана со најголемиот успех во неговиот живот.

„Ова е мојот најголем успех и во кариерата и во животот“, призна емотивно победникот.
А додека телефонот му се блокира од илјадници честитки, Бојан веќе најавува и концерт со кој ќе ја прослави победата. На сцената, како што вели, задолжително ќе го покани и својот ментор Ѓорѓе Давид.

Од момче кое се борело со животните удари, до победник кој ја освои целата публика – приказната на Бојан Илиевски е доказ дека и по најтемната ноќ, сепак доаѓа изгрејсонце.
Фото: Инстаграм/bojan__ilievski




