Турската актерка Небахат Чехре (82), која нашата публика ја засака во серијата „Сулејман Величествениот“ во улогата на мајката султанија Хафса, објави фотографија од летувањето во турскиот Бодрум и ги воодушеви обожавателите. Актерката објави неколку фотографии во елегантен, црн, едноделен костим за капење. Нејзината фигура и негуваниот изглед во 83. година од животот веднаш предизвикаа лавина комплименти.

„Најпрво грижете се за себе. Сè друго природно ќе процвета“, напиша актерката под фотографијата, додавајќи дека уживала во одморот во Бодрум и дека е подготвена за нови проекти.
„Долгите прошетки, многу смеа и времето поминато со драги пријатели навистина ми годеа. Да се одморам, да ги наполнам батериите и да земам здив пред новите проекти беше непроценливо. Наскоро повторно ќе се дружиме, и тоа со низа убави изненадувања“, напиша Небахат.
Небахат Чехре ја започнала кариерата како модел, а уште на 15 години ја освоила титулата Мис на Турција. Набргу потоа почнала да се занимава со актерство. Остварила завидна кариера на филмот и телевизијата, а публиката надвор од Турција најдобро ја познава по улогата на Ајше Хафса Султан, мајката на султанот Сулејман, во историската серија „Сулејман Величествениот“.

Турските медиуми истакнуваат дека Небахат и во деветтата деценија од животот е симбол на убавината, елеганцијата и достоинственото стареење.
Актерката повеќепати истакнала дека не се плаши од стареењето и дека нејзиниот младешки изглед не е резултат на ригорозни диети или претерани естетски зафати.

„Не се плашам од стареењето. Сакам убаво да ги живеам своите години. Не му пркосам на ништо, само живеам здраво и го почитувам своето тело“, изјавила таа во едно од интервјуата.






