Македонското ар ен би дуо ДНК не само што сатнува водечки бенд во оваа категорија, туку Андреј и Панчо досега безброј пати ја покажале и својата друга страна на нивните личности – онаа хуманата!
Донирале на ранливите категории и сиромашните поединци и семејства, храна, облека, лекови, намештај, бела техника… Настапувале на хуманитарни концерти, поддржувале хуманитарни акции… Така што секој кој ја следи нивната кариера и добро ги познава, знае дека Андреј и Панчо имаат широко срце и отворена душа, особено за оние на кои во даден момент помошта им е неопходна и најпотребна.
Така било досега, така е и сега… Тоа најдобро го потврдува нивната најава на следното нешто во кое ДНК се инволвирани, само овој пат на еден малку поинаков начин.
Имено, во соработка со издавачката куќа „Просветно дело“ ДНК во новата училишна година ќе се најдат на кориците на премиум тетратки дизајнирани со нивните ликови од страна на Алек Младеновски, на кои се испишани омилените рефрени од песните на ар ен би дуото, како и QR код кој води директно до самите видеа на YouTube.
На прв поглед, изгледа како добар бизнис потег, што може и да се протолкува како таков, иако во заднина на истиот стои уште нешто друго, сосема поинакво, позначајно и похумано. Или со еден збор: Акција за тројна добивка. За самото дуо, бизнис заедницата и ранливите категории!
Дел од средствата (12 денари од секоја продадена тетратка) ќе бидат наменети за лицата на кои во моментот истите им се најпотребни.
Со самото купување на тетратките купувачот ја поддржува македонската економија и македонски брендови и дава придонес кон хуманитарната акција која само на ваков начин би можела да се изведе.
Сето ова Андреј и Панчо го обзнанија на социјалните мрежи на кои споделија фотографии со дел од споменатиот асортиман, појаснувајќи ја целата акција:
„Драги наши,
Заедно со Просветно дело ви ја соопштуваме една од нашите најомилени соработки до сега. Станува збор за премиум тетратки дизајнирани со нашите ликови, на кои се испишани вашите омилени рефрени од песните на ДНК, како и QR код кој ве води директно до самите видеа на YouTube.
Најважно од се е да напоменеме дека оваа соработка има и хуманитарен карактер и дел од средствата (12 денари од секоја продадена тетратка) ќе бидат наменети за лицата кои мислиме дека во моментот истите им се најпотребни.
Со самото купување на тетратките поддржувате македонски брендови и давате придонес кон хуманитарната акција која без вас не би можеле да ја изведеме.
Тетратките се веќе пуштени во продажба во сите продавници на “Просветно Дело” ширум Македонија, и ги има во строго лимитиран број.
ПС: Сите кои ќе купите тетратки, очекуваме да не тагнете на ДНК инстаграм профилот за да ве споделиме со големо задоволство“.
Акцијата убаво осмислена, учениците – фанови на ДНК, а и сите други хумани луѓе се на потег.
Фото: Фејсбук/ДНК