Македонскиот поп-пејач Давид Темелков во интервју за хрватскиот медиум „Net.hr“ отворено и без задршка проговори за својата кариера, предизвиците со кои се соочил по преселбата во Загреб, но и за најубавите детали од приватниот живот со сопругата Елена.
Во пресрет на неговите големи професионални ангажмани, тој покажа исклучителна ранливост зборувајќи за бракот, поддршката во тешките моменти и неговата најголема неостварена желба – да стане родител.
Во разговорот Давид со многу емоции се присети на почетоците на неговата љубовна приказна со Елена, која трае веќе 11 години, а беше крунисана со брак во 2023 година. Како што вели тој, доаѓањето во нова средина не било едноставно за никого, но токму тоа ги направило посилни.
„Доаѓањето во Загреб не беше едноставно ниту за неа, ниту за мене. Јас од Скопје, таа од Водњан – и станавме сè еден на друг. Драго ми е што заедно созревавме и созреваме, и што заедно пребродивме сè што ни приреди животот“, вели пејачот, нагласувајќи дека вистинската љубов најдобро се докажува кога работите не одат по план и кога ќе настанат животните „невери“.

Сепак, најемотивниот дел од интервјуто е поврзан со проширувањето на нивното семејство, каде Давид јасно ги покажа своите недвосмислени ставови кон татковството.
„Сакам да се остварам како татко, секако. Тоа е света работа и ако даде Господ, ќе биде наскоро. Тоа се некои ставови кои се непроменливи. Еден ден кога ќе дојдат децата, ќе се трудам да бидам најдобрата верзија од себе во однос на родителството. Ќе се трудам да ги следам нивните стапки во она за што Бог ги предодредил. Не би сакал преку нив да ги остварувам моите желби и намери. Секој од нас е создаден за нешто, а јас ќе се потрудам да придонесам тие да се пронајдат себеси и својот повик“, искрен е Темелков.

Изминатиов период на домашната сцена македонската публика имаше можност да го види Давид на фестивалот „Макфест“, каде што настапи со композицијата „Дом“.
На професионален план, во неговата кариера следно претстои голем солистички концерт во загребската „Творница на културата“ закажан за 11 ноември, со кој пејачот ќе одбележи симболични 11 години успешна музичка кариера и на кој премиерно пред публиката ќе донесе многу изненадувања и специјални гости.
фото:Instagram printscreen/davidtemelkov_official



