Долго топло лето, пеколни горештини во кои ретко кој во живо е на програма и работи емисии. Една од оние која ем летува ем снима, е Ивана Јанковска која со својата црномуреста колешека, македонската снашка Ема Вандера и преку лето одат со своето забавно музичко ток шоу „Старс“. Само преку лето од отворена локација, како „Хот старс“ во кои им гостуваат актуелни имиња од светот на естрадата, забавата, модата, ТВ лица, инфлуенсери…

Во едно од последните изданија на гости им дојде Антониа Гиговска. По издавањето на новиот албум пејачката ги обиколи сите можни медиуми, па редот дојде да седне и на столчето кај „жешките ѕвезди“.

Муабет како муабет, сто и едно прашање, а меѓу сите нив и по некое провокативно. Барем такво требаше да биде, да не постоеше предпрашање во стилот: „Дали да те прашам“?

Така Ивана и се обрати на Антониа за да осигура одобрување и подоцна да има оправдување дека ја прашала дали да ја праша, арно ама…

Антониа очигледно собрала доволно медиумска километража, па на прашањето на Ивана: „Дали да те прашувам?“ – со една реченица прво „ја попари“ водителката: „Да не ме прашуваш…“!

И оваа уште од шокот се не беше прибрала, а пејачката веќе во следниот момент уште поладно ја изигнорира, вртејќи и го грбот, па и се обрати на нејзината колешка Ема, оставајќи ја Ивана сета во прашалници, зачудена и „подзината“!

Подоцнежниот обид „да се извади“ , само уште повеќе водителката ја втурна „во калта“, како во „жив песок“ во кој што повеќе се обидуваш да се извлечеш, толку повеќе тонеш!
Единствено што е за поздравување е храброста и доблеста на водителката на „Хот старс“ да го извади и остави тој момент во вид на риалс на социјалните мрежи! Нешто што веројатно ниту една друга, или барем ретко која би го направила! Ама за кликови и гледаност… Нема срам ниту од она што ќе ти „излезе низ нос“!
Фото и видео: Инстаграм/stars_tvshow/AI Grok





