Мегафон ново издание

Битола добива своја фестивалска вечер: „Д Бест оф Битола“ на 3 јули во Пациото

Битола добива своја фестивалска вечер: „Д Бест оф Битола“ на 3 јули во Пациото

На 3 јули 2026 година, во Пациото на НУ Завод и Музеј Битола, ќе се одржи „Д Бест оф Битола“ ново фестивалско издание кое на едно место ги обединува битолската музика, битолските изведувачи и публиката што секогаш знае да ја препознае добрата енергија.

Настанот е во организација на Оркестар DIVA и Владимир Димовски, кои овојпат носат концепт што ја става Битола во центарот на вниманието како град со силна музичка сцена, свои изведувачи, своја публика и автентична енергија.

„Д Бест оф Битола“ доаѓа две години по големиот проект Stars Symphony, музичкиот спектакл кој се одржа на градскиот стадион во Битола и траеше седум часа и на кој настапија Паркети, Brass Brothers, Superhiks, Love Itoya, Konstrakta, Schiller, Наде Талевска, Каролина и многу други. Токму по тој голем проект, кој покажа како изгледа кога современата сцена ќе се спои со оркестарски звук, оваа година приказната продолжува во нов формат како фестивалска вечер во срцето на Битола.

Овојпат, Пациото на НУ Завод и Музеј Битола ќе биде претворено во фестивалски простор, со повеќе настапи, различни музички стилови и една заедничка идеја: Битола за Битола.

Во рамки на фестивалската програма, публиката ќе има можност да ужива во настапи на Чоканче, Паркети, Brass Brothers, CODE369, Гром и Бранислав Николов од Фолтин, заедно со Оркестар DIVA. Секој од изведувачите носи своја приказна, свој препознатлив звук и своја публика, а нивното претставување со оркестарска поддршка ќе создаде ново и специјално музичко доживување.

Посебен дел од вечерта ќе биде и Industrial Symphony, новиот, несекојдневен и смел проект на Оркестар DIVA, кој за првпат беше претставен оваа година во Скопје. Со својот модерен концепт и поинаков пристап кон симфонискиот звук, Industrial Symphony ќе биде дел од фестивалската атмосфера на „Д Бест оф Битола“, како уште едно изненадување за публиката.

Фестивалската вечер ќе започне во 21:00 часот, а програмата ќе трае до 01:00 часот по полноќ. По концертните настапи, настанот ќе заврши со DJ set, како финале на една вечер создадена за музика, дружење и вистинска битолска атмосфера.

„Д Бест оф Битола“ е настан кој има цел да ја истакне локалната музичка сцена, да ги поврзе генерациите и да покаже дека Битола има свои изведувачи, свој звук и публика која знае да го поддржи своето.

Пацио на НУ Завод и Музеј Битола, 03.07.2026 во 21:00 – 01:00. Завршница со DJ set. Карти во продажба на yournextevent.info и во Тобако Димпо, Битола.

 

To top