На 9-ти мај, во арената Јане Сандански во Скопје, ќе се одржи славенички солистички концерт на Нокаут. Ќе славиме со прекрасна македонска забавна песна.
Како што на бината ќе бидат придружувани од нивниот долгогодишен соработник и пријател, Игор Џамбазов, така денес заедно со него одржаа прес- конференција на која пред медиумите ги открија деталите за музичкиот спектакл.
Освен Џамбазов, гости на концертот ќе бидат Брејк, Лозано, Дупер, Дамјан Пејчиновски и Дарко Димитров.
На бината со Нокаут ќе настапи и Миа, ќерката на Пере, на чиј талент е многу горд. Испратија апел до публиката: Да дојде на време, да се избегне гужвата и кој може да дојде без автомобил, за концетот да може да почне навремено.

Нокаут цели 30 години создава квалитетна македонска музика која останува како евергрин во нашата музичка историја. Концертот е најавен како исклучително значаен, вистински аудио-визуелен спектакл, со најквалитетно озвучување, за публиката од цела сала да има еднакво доживување.
Пере од Нокаут истакна дека големиот интерес за концетот е доказ дека публиката ја поддржува македонската музика. Ги покани македонските граѓани да дојдат на концертот и да уживаат. Рече дека за првпат ќе свират на кружна бина на 360 степени, за да бидат поблиску до публиката и со неа да имаат убава комуникација.

Џамбазов рече дека датумот 9-ти мај носи голема симболика. Тој со Нокаут настапува скоро 20 години и вели дека групата е негова слабост, а тој е нивната тежина.
-Ќе ги отсвириме најголемите хитови. Тие што купиле влезници нема да зажалат. Тоа ќе биде големо задоволство за сите, рече Џамбазов.

На прес-конференцијата се обрати и Брејк кој рече дека за него е голема чест да биде дел од овој концерт. Најави дека на 9-ти мај ќе направат убав, позитивен циркуз.
фото: Курир







