Празникот Велики поклади – Прочка има навистина убави чествувања. Најголемата кулминација и акцент за овој голем христијански празник во Прилеп се става на карневалот под маски кои традиционално се одржува на самиот ден Прочка во центарот на Прилеп. Во Прилеп викендов многу настани, многу забава како за помладите така и за постарите. Почнувајќи од изложбата на маски, преку детското дефиле под маски и главното карневалско дефиле до традиционалниот ручек во манастирот свети Ѓорѓија во селото Присад.
Во продолжение, прочитајте ја целосната програма за чествувањата на празникот Велики поклади – Прочка во Прилеп:
20 февруари (петок) во 12:00 часот ќе се одржи традиционалната изложба на рачноизработени маски. Свеченото отворање и доделување на призанија ќе се одржи во ликовниот салон при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
21 февруари (сабота) во 12:00 часот ќе се случи детската карневалска поворка која овој пат ќе трге од ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, а локацијата и движењето на истата е од самото училиште до плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ во ценатрот на Прилеп каде што е поставена и централната бина.
22 февруари (недела) се всушност главните чествувања за Прочка во Прилеп. Во недела со почеток во 13:00 часот ќе се случи и меѓународната карневалска поворка каде што ќе се случи и дефилето на маски, а ќе има и жонглери, акробати, кловнови, куклери и слично. Трасата на движење на карневалското дефиле е од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп по булеварот „Гоце Делчев“ до централната бина поставена на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ во Прилеп.
23 февруари (понеделник) е последниот ден од чествувањата на Прочка во Прилеп кои завршуваат со традиционалниот заеднички ручак со здружението „Прилепски Мечакари“ кој што ќе се одржи во манастирот „Свети Ѓорѓија“ над селото Присад во Прилеп.
Инаку, главен заштитен знак на прилепскиот карневал под маски Прочка во Прилеп е традиционалната маска – Мечкари. Костимите за овие маски се прават од овчја кожа.







