Радио Милева НЕОБИЧНО МОДНО ИЗДАНИЕ

Ким Кардашијан блесна во необична креација од глава до петици

Ријалити-ѕвездата привлече големо внимание на премиерата на втората сезона од серијата „All’s Fair“ во Њујорк, појавувајќи се во впечатлив фустан со ефект на крокодилска кожа.

Ким Кардашијан блесна во необична креација од глава до петици

Ким Кардашијан се појави во впечатлива креација со ефект на крокодилска кожа од глава до петици на премиерата на втората сезона од серијата „All’s Fair“, која се одржа во понеделникот, 2 ноември, во Њујорк.

Четириесет и шестгодишната ријалити-ѕвезда на црвениот тепих во Highline Studios носеше специјално дизајниран фустан од модната куќа Ashi Studio, во бледосива нијанса, со скулптурален корсет.

Раскошната креација беше украсена со нежна тантела, проѕирни делови и внимателно изработени ленти од превртена кожа што паѓаа долж телото и ја нагласуваа нејзината силуета.

Фустанот беше дополнет со раскошен шлеп, како и впечатлив кожен детаљ околу вратот, инспириран од корсет.

Ким ја имаше залижано косата и собрано во опавче, со неколку пуштени прамени што ѝ го врамуваа лицето. Целокупниот изглед го надополни со големи дијамантски обетки и нагласена црна линија околу очите.

По позирањето на црвениот тепих, Кардашијан се фотографираше и со своите колешки од серијата, меѓу кои беа Сара Полсон, Глен Клоуз, Ниси Неш-Бетс и Наоми Вотс.

Кардашијан во серијата го толкува ликот на Алјура Грант, во правната драма на Рајан Марфи, која ја следи приказната за група познати адвокатки специјализирани за разводи, кои одлучуваат да основаат сопствена адвокатска фирма.

Нејзиниот лик е делумно инспириран од нејзината вистинска адвокатка Лора Васер, која учествувала и во подготовката на сценариото како консултантка.

Васер ја застапувала Ким за време на разводот од Крис Хамфрис во 2013 година, како и при разводот од Канје Вест во 2022 година.

Ким во јануари, гостувајќи во поткастот на својата сестра Клои Кардашијан, „Khloé in Wonder Land“, зборуваше за критиките со кои се соочувала низ годините.

Тие не биле поврзани само со контроверзиите околу чантата „Биркин“ од слонова кожа, за која подоцна тврдеше дека била лажна.

„Се чувствував преоптоварено“, призна тогаш Ким, додавајќи дека верува оти на критиките треба да се одговори директно и без одложување.

Како пример ја наведе и ситуацијата со првичното име на нејзиниот бренд Kimono, кое по бројните критики го промени во SKIMS.

И покрај критиките што серијата ги предизвика по премиерата во 2025 година, Кардашијан во интервју за списанието PEOPLE во октомври истата година истакна дека особено ѝ се допаѓа главната порака на приказната – меѓусебната поддршка меѓу жените.

„Секоја недела имаме приказна за жена која поминува низ тежок период, а ние сме тука да ѝ помогнеме. Мислам дека главната порака на оваа приказна за нас, жените, е дека дури и кога поминувате низ тежок период и не верувате во себе, вашите адвокатки и пријателки се тука да ве подигнат и да ви помогнат повторно да поверувате во себе“, изјави Ким.

Втората сезона од серијата „All’s Fair“ пристигнува на стриминг-платформите Hulu и Disney+ во среда, 4 ноември.

To top