Има песни што не се само музика, туку приказни во кои секој што заминал од дома може да се пронајде. Токму таква е „Дом“, најновата песна на македонската музичка ѕвезда Давид Темелков, која по успешното фестивалско претставување на „Макфест“, вчеравечер, понеделник 02. ноември доби и своја видеопремиера во Скопје.

Темелков пред само два дена во Штип ја освои публиката со емотивната изведба на песната од која ве лазат морници, а сега на својата публика ѝ подари и визуелна приказна во која главната улога ја имаат љубовта, носталгијата и копнежот по родното огниште. Особено ако се знае дека Давид веќе извесен период ја гради својата кариера надвор од Македонија, во Хрватска, па темата за домот и припадноста има и силна лична димензија.

Но, она што на ова музичко дело му дава посебна тежина е фактот дека Давид стои зад речиси секој негов сегмент. Тој е автор на текстот, музиката и аранжманот, но и сценарист и режисер на видеозаписот, во кој своите чувства и спомени ги преточил во филмска приказна.

За таа приказна да добие уште поголема емоционална сила, Темелков ги ангажираше актерските великани Марија Кондовска и Владо Јовановски. Двајцата со својата актерска виртуозност ги оживеаја ликовите од неговата замисла, а не ја криеја ниту воодушевеноста од талентот и креативноста на младиот музичар, кој токму нив ги посака во главните улоги.
Премиерата, пак, не помина само во знакот на видеоприказната. Давид на присутните новинари, колеги, пријатели… им приреди и вистинско музичко уживање со својата уникатна акапела интерпретација на „Дом“, но и на „Мојата Македонија“, претворајќи ја промоцијата во вечер исполнета со безвременски чувства и силни аплаузи.

Видеото е снимано на неколку локации во Македонија и Хрватска, а освен што ја доловува личната приказна на Давид, има и уште една посебна улога – го најавува неговиот претстоен концерт на 11 ноември во загрепската „Творница културе“.
Очигледно, „Дом“ за Давид не е само уште една песна во неговата музичка кариера, туку и искрена исповед за она што растојанијата не можат да го променат. Или како што самиот ќе сподели на својот фејсбук во најавата за видеото:

„Некои адреси не нè напуштаат ни кога заминуваме од нив… Постојат врати кои во нас никогаш не престануваат да шкрипат. Гласови кои нè повикуваат и кога години не ги слушаме. Постојат прегратки во кои, без оглед на годините, повторно стануваме некое дете…“

Колку и да те однесат патиштата далеку, срцето секогаш знае каде припаѓа… Зашто само едно место на светот се вика „Дом“.
Видеото можете да го погледнете во продолжение…






