Македонската пејачка Анита Мицова ја заокружува 2026-тата година со песната „Трај“. Соработката и довербата во тимот и овој пат не се менува. Музиката и текстот се на Весна Малинова, а аранжманот и продукцијата се дело на Алдо Харуфе Леон.

,,Песната ја имам можеби 10 години и буквално сум вљубена во неа. Досега не се создаде момент да ја снимам. По толку седење во фиока, дојде и тој миг, ни изјави Анита Мицова и додаде: ,,Во овие години се менуваа многу аранжмани и стилски ја менував, а со овој аранжман ја препознав вистинската Трај”.

Македонската пејачка вели дека уште пред повеќе од десет години се вљубила во мелодијата на оваа песна кога ја слушнала во студио кај Весна Малинова, поставеноста на мелодијата и била секогаш пресудна, а текстот многу поретко го слушала.

Песната е визуелизирана со едноставно тематско видео чие авторство го потпишува Гоце Цветков.

За крај на 2026-та година имате можност да уживате во одличниот производ и прекрасната изведба на „Трај“.






