Мегафон

20 гастрономски приказни на Aero Street Food Festival 2026: Скопје ќе вкуси нешто поинакво!

20 гастрономски приказни на Aero Street Food Festival 2026: Скопје ќе вкуси нешто поинакво!

Од 4 до 8 септември, паркот „Авионче“ ќе се претвори во голема кујна под отворено небо, исполнета со мирисот на свежо подготвена храна, жешки скари и специјалитети од различни светски кујни.

На второто издание на AERO Street Food Festival ќе учествуваат 20 гастрономски брендови, со понуда што се движи од традиционални специјалитети до современи интерпретации на најпопуларните јадења од уличната гастрономија.

„Нашата цел е фестивалот да прерасне во препознатлива градска традиција и место на кое се спојуваат квалитетната храна, домашната музика и добрата енергија. Оваа година фестивалот е поголем, поразновиден и содржински побогат, а учеството на 20 гастрономски брендови е потврда дека заедно создаваме настан што носи вистинска вредност за Аеродром и за цело Скопје. Особено ни значи поддршката од Општина Аеродром и Град Скопје, кои ја препознаа нашата визија и потенцијалот на фестивалот“, изјави Дарко Панчевски, организатор на AERO Street Food Festival.

За љубителите на мексиканските вкусови, Mustacos и 11: Eleven ќе подготвуваат такоси исполнети со богати комбинации од свежи состојки, сосови и зачини. Оние што претпочитаат лесни, прецизно подготвени и визуелно впечатливи залчиња ќе можат да уживаат во сушито на Loras Sushi.

Бургерите – ѕвезди на уличната гастрономија

Со свои уникатни комбинации ќе се претстават Fat Kitchen, Burgerslut, Jojo’s BBQ, Oljo’s и Smash Burger. Од класични до богато наполнети бургери и сендвичи, секој бренд ќе донесе сопствен вкус и стил.

Jojo’s BBQ дополнително ќе понуди хот-дог, Noa Gyradiko ќе внесе медитерански дух со свежо подготвено гиро, а Жешко компирче ќе служи топол печен компир со путер и разновидни прилози по избор.

Италијански и традиционални вкусови

Вкусот на Италија ќе пристигне преку свежата паста и кросаните на Bistro 64, ароматичната фокача на Sorelle и пиците на „15 за 12“ и Pizza Vice City.

Во понудата ќе се најдат и традиционалните кебапи на Дестан – добро познат гастрономски симбол што со генерации ги собира луѓето околу иста маса.

Слатко финале

За освежување со сладолед ќе се погрижат Scoop и Sweet Look, додека Milkey ќе подготвува палачинки со препознатливиот мирис на детството.

Фестивалското мени ќе го дополнат кремастиот десерт на Сутлијаш бар и топлото, ароматично печиво со крцкава кора од Трансилваниско трдло.

„AERO Street Food Festival е настан што потврдува дека Аеродром е општина во која се создаваат убави моменти, се негува културата и се гради заедништвото. Навистина ми е драго што и годинава паркот „Авионче“ ќе биде место за музика, дружење, добра храна и забава за сите генерации.

Како Општина, секогаш ќе ги поддржуваме настаните што носат позитивна енергија, ја збогатуваат понудата за нашите граѓани и го оживуваат јавниот простор. Верувам дека фестивалот ќе прерасне во убава традиција и секој септември ќе носи посебна атмосфера во Аеродром. Ги поканувам сите да бидат дел од оваа фестивалска приказна“, изјави Дејан Митески, градоначалник на Општина Аеродром.

Од првиот залак до последната лажичка десерт, посетителите ќе можат да избираат меѓу такоси, суши, бургери, сендвичи, хот-дог, гиро, печен компир, паста, кросани, фокача, пица, кебапи, палачинки, сутлијаш и сладолед – придружени со богата програма на македонски музички изведувачи.

AERO Street Food Festival е поддржан од Општина Аеродром и Град Скопје, кои го препознаа неговото значење за промоцијата на домашната музика и локалната гастрономија, како и за збогатувањето на културната и забавната понуда на градот.

Од 4 до 8 септември, Скопје ќе мириса поинаку, Аеродром ќе вкуси поинаку, а паркот „Авионче“ ќе стане најголемата трпеза во градот.

фото:AERO Street Food Festival

To top