Во очи 37-то издание на “Фолк Фест Валандово”, почина еден од основоположниците на фестивалот, Костадин Костадиновски кој во македонската јавност беше познат музички новинар, музиколог, музички критичар, публицист и композитор…
Костадин Костадиновски е роден на 28 април 1938 година во Валандово. Средно музичко училиште завршил во Скопје, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград на отсекот по музикологија. Во 1967 година се вработува во МРТ каде што работејќи на различни функции останува се’ до пензионирањето. Работниот век го поминал како музички уредник и новинар во Македонската радио-телевизија, поточно во Македонското радио – Радио 2.
Напишал околу 5000 критики на врвни уметници од целиот свет како и мноштво музички публикации меѓу кои познатата музичка монографија „Трајко Прокопиев – животно дело“ и делото „Од блузот до музичката авангарда“ која се користи како литература на катедрата по естрада на музичката академија во Софија, потоа „Тито и музичката уметност“ и „Про-Музика“.
Автор е на „Одгласи од концертните сали“- публикација која содржи музички критики, есеи и музички занимливости во која преку понудените текстови (над 160 осврти, критики и рецензии) и познавањата на музичките жанрови од фолклорот до џез и класичната музика, Костадиновски ја претставува тридецениската музиколошка историја во Македонија, Европа и светот.
Во книгата има текстови за Симон Трпчески, Весна Гиновска-Илкова, Ана Дурловски, Михајло Куфојанакис, Тодор Светиев, Милица Шперовиќ-Рибарски, Кирил Рибарски, Љубомир Бранѓолица, Влатко Стефановски, Тоше Проески, Пеце Атанасовски, Никола Бадев, текстови посветени на светските ѕвезди како Хозе Карерас, Барбара Хендрикс, Зубин Мехта, Арнолд Кац, Александар Штаркман, како и на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето„, „Интерфест“…, репертоарот и достигањата на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.
Костадиновски беше и самиот творец или коосновоположник на пет значајни музички фестивали во Македонија: „Фолк фест – Валандово“, „Интерфест – Битола“, „Тетовски филиграни“ (подоцна префрлен во Скопје како „Филиграни“), „Еврофест“ и „Денови на уметноста на децата сираци од балканските држави“.
Исто така беше композитор и автор на педесеттина естрадни песни и важеше за еден од доајените на македонската музикологија. Тоа го афирмираше како уникатна личност во нашиот музички живот и култура, какви досега малку сме имале. Беше врвен стручњак од ваков профил кој толку темелно ги познава сите музички жанрови – сериозната, забавната, фолк и џез-музиката. Тој е добитник на повеќе награди како што се признанието од Светската асоцијација на фестивали (WAFA) и наградата „23 Октомври“ за неговиот голем придонес во развојот и афирмацијата на културата во Македонија.
„На 26.05. 2024 не го напушти МРТ колегата и фестивалски соработник Костадин Костадиновски, кој неодамна наполни 88 години! Почивај во мир и спокојство, сочувство до семејството и последен поздрав денес, Понеделник 27.05. 2024 од 11 до 12 часот часот во капелата во Радишани, а погребот е во 12 часот“ – обзнани на својот Фејсбук профил една од најблиските соработнички на покојниот Костадиновски, новинарката и водителка на речиси сите негови фестивалски чеда, Катерина Стојановска Десковска.