Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски и неговото трио го претставија третиот сингл од новиот албум „London Sessions“, снимен во светски познатото Abbey Road Studio во Лондон. По изданијата „While My Guitar Gently Weeps“ и „Чукни во дрво“, обработката на антологиската „Gipsy Song“ ја дополнува оваа значајна музичка колекција.
Инаку, „Gipsy Song“ за првпат беше објавена во 1997 година како дел од музиката за филмот „Gipsy Magic“, режиран од Столе Попов. Оваа песна, со музика и текст на Стефановски, брзо стана хит на Балканот, а во 2001 година беше вклучена на компилацијата „Џипси караван“ на Putumayo Records, која собира најубави цигански песни од целиот свет.
Новата верзија на „Gipsy Song“ е дел од материјалот снимен во легендарното Abbey Road Studio, познато по соработките со музички гиганти како Pink Floyd, The Beatles, Amy Winehouse и Dua Lipa. На новиот албум, Влатко Стефановски свири гитара и изведува вокални делови, Јан Стефановски е на тапани, а Тихомир Хојсак маестрално свири на електричен контрабас.
Во годината кога Стефановски слави 50 години од својата кариера, албумот „London Sessions“ е значајно остварување. Проектот е продуциран од Croatia Records и ќе биде достапен на стриминг платформи, CD и винил. „London Sessions“ ја продолжува долгогодишната традиција на Стефановски да создава музика која ги преминува жанровските граници, носејќи емоции и техничка извонредност.