Српската полиција уапси лице осомничено дека заедно со уште едно лице по кое се трага, во вторникот околу 04:52 часот активирале и фрлиле рачна граната во двор на семејна куќа на Дедиње, во Белград, со што предизвикале материјална штета. Тоа доцна синоќа го соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Медиумите во средата објавија дека бомба била фрлена врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ, кој во тој момент не бил во Србија. Никој не е повреден од експлозијата, сопругата и ќерката на пејачот во тој момент биле во куќата.

Српскиот министер за внатрешни работи,Ивица Дачиќ, како што е наведено во соопштението, изјави дека апсењето го извршиле припадници на МВР на Србија, Полициската управа на градот Белград и Управата за криминалистичка полиција, во соработка со Вишото јавно обвинителство во Белград и Безбедносно- информативната агенција.
Уапсеното лице (С.М.), родено 1993 година, е осомничено за сторено кривично дело недозволено производство, поседување, носење и тргување со оружје и експлозивни материи и предизвикување општа опасност и ќе биде приведено во Вишото јавно обвинителство во Белград. (МИА)
фото:Instagram printscreen/zdravko.colic







