Радио Милева симболичен износ

Судот ѝ досуди на Ким Кардашијан еден евро отштета за грабежот од 2016 година

Судот ѝ досуди на Ким Кардашијан еден евро отштета за грабежот од 2016 година

Повеќегодишната правна постапка за упадот во хотелот во Франција во кој престојувала Ким Кардашијан конечно доби епилог.

Француското правосудство ја заврши постапката против разбојниците, а на главните жртви на нападот им беа доделени симболични износи, по нивно барање, пишува АП.

По сведочењето пред судот во мај 2025 година, на Ким Кардашијан ѝ беше досудена отштета од едно евро (1,15 долари). Истиот износ ѝ беше одобрен и на нејзината блиска соработничка Симона Харуш, која за време на упадот се наоѓала во истиот објект.

По изрекувањето на пресудата, тие две упатија заедничка порака до медиумите:

„Благодарни сме му на француското правосудство што нè призна како жртви на страшните настани што се случија во Париз во 2016 година. Искуството беше длабоко трауматично, а неговото влијание остана со нас. Денешната одлука не се однесува на отштетата, туку на одговорноста и признавањето. Му благодариме на судот и на сите кои нè поддржуваа во текот на оваа постапка и се надеваме дека сега можеме да продолжиме понатаму и да продолжиме со процесот на заздравување“, напишаа тие во соопштението.

Покрај нив, финансиски надомест од 126.472 долари добил и работникот на рецепција поради претрпениот стрес, додека на самиот хотел му била доделена компензација од 57.741 долар.

Инцидентот се случил во доцните ноќни часови во октомври 2016 година, кога петмина криминалци во полициски униформи го совладале обезбедувањето и провалиле во апартманот.

Откако ја врзале Ким со пластични врвки и леплива лента, напаѓачите побегнале со скапоцености чија вредност се проценува на околу шест милиони долари.

Меѓу украдените предмети имало скапоцен накит, вклучувајќи дијамантски прстен вреден четири милиони долари, часовник „Rolex“, нараквици „Cartier“ и парчиња накит од куќите „Jacob“ и „Lorraine Schwartz“. Поголемиот дел од скапоценостите до денес не е пронајден.

Бран апсења на почетокот на 2017 година довел до приведување на 17 лица, од кои 10 се нашле на обвинителна клупа. Групата привлече големо внимание во јавноста поради поодминатата возраст на обвинетите и нивните обемни криминални досиеја, поради што го добија прекарот „дедовците разбојници“. Шестмина од нив имале меѓу 60 и 70 години кога им се судело за грабежот.

За време на процесот во мај 2025 година, Ким Кардашијан пред судиите ги опиша моментите на ужас, признавајќи дека „апсолутно мислела дека ќе умре“.

Конечниот биланс од судењето опфаќа осум осудителни и две ослободителни пресуди. Поради времето што веќе го поминале во притвор, ниту еден од осудените нема да мора повторно да оди на издржување казна.

Ким истакна:

„Злосторството беше најстрашното искуство во мојот живот, кое остави трајни последици врз мене и моето семејство. Иако никогаш нема да го заборавам она што се случи, верувам во моќта на личниот развој и одговорноста и се молам за исцелување на сите. Останувам посветена на залагањето за правда и промовирањето праведен правен систем.“

foto: printscreen/instagram/kimkardashian

To top